Димитров: Македонија очекува датум за преговори до крајот на бугарското претседателство со ЕУ
Македонија очекува до крајот на бугарското претседателство со Европската унија да добие датум за почеток на преговорите за членство, изјави шефот на макдонската дипломатија Никола Димитров, пред почетокот на денешната сесија на вториот дел од неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, Гимних, што се одржува во Софија.
– Правиме се што можеме во јуни да има политичка одлука и правиме се што можеме да ја убедиме Грција да биде дел од тој консензус за Македонија. Тоа ќе биде добра работа за Македонија, за Бугарија, за сите наши соседи, за Балканот, но и за Европа, рече Димитров во изјавата за новинарите пред денешната сесија на која учествуваа министрите за надворешни работи од ЕУ и на петте земји кандидатки од Западен Балкан.
Во врска со изјавата на македонмскиот премиер Зоран Заев дека се решени три од седумте спорни прашања во преговорите со Грција, Димитров не прецизираше за што станува збор, но наведе дека задачата на премиерите е да го водат процесот, а на министрите за надворешни да го сработат тоа.
– Сепак пораката е дека процесот оди напред, додаде Димитров.
За денеска најавува повеќе билатерални средби, но не и со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, со кој вчера имал куса средба на работната вечера во рамки на Гифик.
Димитров изјави дека следните денови очекува продолжување на преговарачкиот процес.
МНР, пак, соопшти дека на сребата во Софија министрите за надворешни работи од ЕУ и од земјите-кандидатки од Западен Балкан, Димитров истакнал дека интеграцијата на Македонија и останатите земји од регионот на Западен Балкан во ЕУ, дополнително ќе ги зајакне напорите за адресирање на безбедносните прашања на поефективен и покоординиран начин.
Тој на Гифик учествуваше на покана високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини и министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева.
Дискусиите на состанокот беа фокусирани на соработката и партнерството во областа на безбедноста и одбраната.
Димитров ја истакнал потребата за сеопфатен пристап и глобална посветеност во справувањето со безбедносните предизвици и побара вклучување на земјите од регионот во заложбите за развој на безбедносните и одбранбени политики, бидејќи, како што изнесе, иако земјите на Западен Балкан не се членки на ЕУ, тие и припаѓаат на истата Европска безбедносна заедница.
Тој ја поздравил амбицијата на бугарското претседателство да прерасне во „Балканско претседателство“ со посебен фокус врз политиката на ЕУ за проширувањето, која продолжува да биде најефективен инструмент за гарантирање на мирот, стабилноста и просперитетот во регионот.
Ја поздрави и Стратегијата на ЕК за перспективите на проширувањето со земјите од Западен Балкан, со која се потврдува иднината на регионот, како геостратешка инвестиција во стабилна, цврста и обединета Европа, заснована на заеднички вредности.
Димитров ги информираше присутните и за соработката на Република Македонија во областа на безбедноста и одбраната, ставајќи акцент на учеството на земјата во мисиите/операциите предводени од ЕУ, НАТО и ОН, учеството во глобалната коалиција за борба против тероризмот, како и споделувањето на ставовите со ЕУ во рамките на нејзината надворешна и безбедносна политика.
На маргините на состанокот, Димитров оствари повеќе средби со своите европски колеги со кои разговараше за неодамна усвоената Стратегија и за нашите европски перспективи.
На средбата со министерката за надворешни работи на Шведска, Маргот Валстром, меѓу другото се разговараше за политичките динамики во регион, како и за ангажманот на Македонија во функција на реализација на стратешките определби.