Дали сте за турско кафе или за еспресо?


Ерол Ризаов

Ајде заеднички да составиме неколку референдумски прашања кои заслужуваат одговор. На пример: дали сте за членство во ЕУ со уставното име на државата. Фантастично прашање. Мислам нема човек во земјата што не сака да биде во европското семејство со името Република Македонија и сè што оди заедно со тоа. Еве, тоа може да биде прашање на кое не може да приговори ни Христијан Мицкоски, освен Чак Норис од Водно. Тој може на сè да приговори и да расипе, дури и кога молчи. Одговорот на огромно мнозинство граѓани на ова прашање би бил мелем за душа. Сто и два отсто „за“.

Во моментот поактуелно би било прашањето дали сте за членство во НАТО со неприфаќање на Договорот од Преспа со Грција. И ова чинам е убаво стокмено и фер прашање, на кое големо мнозинство ќе одговори со „да“. Многу е добро, ем членство во НАТО ем поништување на капитулантскиот договор на предавниците со вековниот непријател Грција. Мазно би поминале прашањата дали сте за промена на уставното име во „Северна Македонија“. Гарант само еден грст предавници би гласале за вакво нешто. Ист би бил ефектот ако се постави прашањето дали сте за тоа да влеземе во НАТО со името „Северна Македонија“.

Може да се постават уште илјада прашања во различни комбинации кои ќе го дадат посакуваниот одговор од мнозинството граѓани. На пример, дали сте за тоа да се викаме „Северномакедонци“ или дали сте за тоа јазикот да ни се вика „северномакедонски“. Државјанството да ни биде „северномакедонско“, дали сте за тоа да ни се избрише минатото, дали сте за тоа да ни го згазат достоинството, да нè понижат, да нè обезличат, да останеме без идентитет… дали треба да бидеме членка на НАТО, кој го тероризира цел свет под диктат на Америка, дали треба да бидеме сојузници со тие што фрлија атомски бомби врз Јапонија, ја бомбардираа комшиска Србија, убиваат луѓе во Сирија, Ирак, Либија… насекаде по светот сеат смрт. Од нивните бомби со осиромашен ураниум умираат од рак илјадници луѓе и во Македонија и ширум светот, дали треба да бидеме во сојуз со НАТО злосторници кои се корумпирани од Албанците со пари заработени од дрога и бели робје… дали треба да сме во алијанса со тие што ги уништија Индијанците, ги измачуваат црнците, со тие што се непријатели на браќата Руси… На сите овие прашања одговорите на мнозинството Македонци се познати.

Значи, многу брзо еволуираме, од одушевено прифаќање за влез во НАТО со уставното име, по втората тура прашања за терористичката НАТО се откажуваме и од влез во овој злосторнички сојуз и со уставното име бидејќи станува збор за воена организација и пакт кој има за цел уништување на Македонија и за ограбување на светот. Така ти е тоа со прашањата, во зависност од тоа што ќе прашаш, таков одговор и ќе добиеш.

А, што мислите за прашањето кое не е референдумско, туку здраворазумско и кое сме си го поставиле можеби илјада пати, иако го знаеме одговорот безмалку сите. Прашањето гласи дали Македонија може да стане членка на ЕУ и на НАТО ако не го прифати договорот со Грција. Сè уште има луѓе кои и по 27 години откако го знаат одговорот на ова прашање тврдат дека можат да ја внесат Македонија во Европа и да биде членка на НАТО без никакви отстапки, или со минимални компромиси, но без уставни промени. Немојте да мислите дека тоа се ненормални луѓе кои го изгубиле здравиот разум. Не, тоа се многу нормални луѓе, махери за освојување на власта и за правење големи пари. Ситуацијата е обратна од тоа што вие мислите за нив, тие мислат дека вие не сте токму, што уште можат да ве лажат со истата лага, барем уште едно 27 години.

Еве уште едно интересно прашање. Дали сте го прочитале Договорот од Преспа и дали знаете каде може да се најде за да се прочита. Дали некому му верувате кога ви го раскажува договорот и кога тврди дека ова е катастрофа, капитулација и предавство, или кога тврди дека прифаќањето на договорот е влезница за НАТО и за ЕУ, односно ја одредува иднината на Македонија и на сите граѓани. Дали ви е значајно кој ги кажува овие работи. Тие што 11 години ве внесуваат во Европа, или тие што ни испратија покани за влез во НАТО и за отпочнување на преговорите.

Еве уште прашања: Дали знаете дека не се менува името Македонија, туку се додава географска одредница северна по што името останува Република Македонија, но со придавката северна. Дали знаете дека националната припадност Македонец и Македонка не се менува и дека правото на самоопределување не е предмет на договорот. Дали знаете дека со Договорот државјанството останува македонско, дека јазикот како и досега останува македонски, како што е запишан во ОН. Дали знаете дека ниту едно од идентитетските обележја на македонскиот народ не се променети. Дали знаете што добиваме и што губиме со влезот во НАТО и во ЕУ. Ова, се разбира, не се референдумски прашања само за граѓаните, туку и за тие што ќе организираат референдум за можеби најзначајното изјаснување на граѓаните на Македонија од 1941 година наваму. Поточно, во целата историја во најсудбинските денови, и во 1941 и во 1944 година, немало референдум, туку некои храбри водачи ја презеле одговорноста за остварување на идеалите на Македонците. Одговорите на овие прашања треба да се имаат предвид кога ќе одлучуваме за што сме и за каде сме.

Еве уште неколку прашања што се поврзани со одговорот на референдумското прашање. Дали знаете што ќе случува во Македонија ако не стане членка на НАТО и на ЕУ. Дали може да се врати на власт режимот на Никола Груевски, тој лично, или пак неговите следбеници. Дали сте за амнестија на сите обвинети за обид на државен удар на 27 април и на сите обвинети за злосторничко здржување и нарушување на човековите права и слободи, на носители на организиран криминал и корупција од врвот на функционерите на претходната власт, но и на тие од сегашната власт. Поставете си ги сите овие прашања, додајте уште и други, и малку размислите пред да одговорите на тоа што вам ви го поставуваат.

Јас се определив многу одамна. Кога ме прашуваат какво кафе сакате – турско или еспресо, мојот одговор е секогаш различен во зависност од тоа кој ме прашува и каде се наоѓам и од тоа дали брзам или имам доволно време. Ако во Турција нарачате кафе без да нагласите дека е саде, ќе добиете во мал убав порцелански филџан шербет слатко кафе со бааги „кајмак“. Ако е саде, тогаш е без шеќер. Ако во Босна нарачате турско кафе, тоа значи башка шеќер, башка кафе. Туркиш кофи во Европа речиси и да нема. И ако има, не е ни налик на она кај нас.

Нејсе, каде и да е, ви треба повеќе време за да го добиете и да си направите кафе ќеиф. Еспресо е добро кога брзате, една голтка и готово е, башка што секаде е поевтино ако го пиете од нога. Ако заседнете и треба да ве послужат, три до четири пати е поскапо. Најлошо е да ви дадат сиктер-кафе. Тоа кај нас значи – ве бркаат, ве отстрануваат, фајронт, доцна е, оди си, не си пожелен повеќе, го затвораме дуќанот. Во Турција е многу срамен збор, вулгарна пцост. Турцизмите и турските зборови понекогаш немаат исто значење, иако се исти.