Дали и патот за преговори со ЕУ ќе се поплочи со амнестија?


Најмалку дваесетина истраги што се отворени од втората половина на 2017 година досега, а со кои се опфатени околу 110 лица, според податоците од последните три шестмесечни извештаи на СЈО, би отишле во ветар доколку се прифатат барањата на опозицијата во однос на идниот статус и начин на функционирање на ова обвинителство.
Решавањето на статусот на СЈО прерасна во клучен критериум за Македонија во јуни да добие почеток на преговорите со ЕУ, за што сè уште нема договор меѓу владејачките партии и опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ инсистира, меѓу другото, да се „запечатат“ сите постапки што се отворени по 30 јуни 2017 година, односно до рокот во кој СЈО, според важечкиот закон, можеше да покренува обвиненија. Според извори од преговарачкиот тим, ВМРО-ДПМНЕ барала преметите што се отворени по овој датум да се затворат, а доколку за нив поведе постапка редовното обвинителство да не можат да важат доказите до кои дошло СЈО. Министерката за правда Рената Треневска-Дескоска оцени дека барањата на опозицијата водат кон своевидна амнестија.
Преговорите меѓу власта и опозицијата во петокот завршија неуспешно, така што останува само уште една недела за усогласување на ставовите, доколку целта е законот за јавно обвинителство да се донесе пред почетокот на кампањата, иако не е „забрането“ да се одржи седница за тоа и за време на изборите.
– Позицијата на СДСМ е јасна, недвосмислена и принципиелна, тоа значи дека нема да биде променлива, затоа што тоа е во согласност со препораките од ЕУ, а тоа е обезбедување на вистинска правна држава. За жал, најголемата опозициска партија – ВМРО ДПМНЕ, не го поддржува целиот тој процес водејќи се од нивните основни принципи, а тоа е амнестија за криминалите на претходната власт, изјави вчера Костадин Костадинов, портпарол на СДСМ.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети ја повика најголемата опозициска партија да го продолжи учеството во работните групи при Министерството за правда.
-Имавме средби. Апелирам опозицијата да не се повлекува од дијалогот и да се постигне согласност за доброто на државата, изјави Ахмети.
Вицепремиерот Бујар Османи за време на викендот најави продолжување на преговорите со ВМРО-ДПМНЕ за судбината на СЈО, но паралелно и поединечни разговори со пратениците за обезбедување двотретинско мнозинство.
– Очигледно дека последната рунда не даде резултати. Сметам дека треба да се работи во две траектории: и на продолжување на обидите да се постигне консензус, но и во комуникација со пратениците да се обезбеди мнозинство во Собранието – рече Османи.
„Талир“ е еден од најкарактеристичните случаи од оние за кои СЈО покрена обвинение по критичниот рок, односно кон крајот на минатата година, иако истрагата за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и за изградбата на партиското седиште почна многу порано, а оваа недела ќе стартува и судењето. За предметот, поради кој е замрзнат и целиот надевижен имот на ВМРО-ДПМНЕ, веќе е досудена и една условна казна – за Елизабета Чингаровска, која се спогоди со СЈО и призна вина. Затоа, пак, евентуалното суспендирање на овој случај, практично, би значело „ослободителна пресуда“ за другите обвинети, меѓу кои се и поранешниот премиер Никола Груевски, Кирил Божиновски и Илија Димовски. Тие се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и за перење пари, а ВМРО-ДПМНЕ како правен субјект само за перење пари.
Во последните месеци јавноста ја бранува и случајот „Империја“, кој СЈО го отвори кон крајот на минатата година, а со кој се опфатени дузина бизнисмени од опкружувањето на ВМРО-ДПМНЕ во годините на владеењето, меѓу кои се и Орце Камчев и Сашо Мијалков. Осомничените во овој предмет се товарат за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари.
Меѓу случаите што беа отворени по 30 јуни 2017 година се и „Попис“, со кој се опфатени Груевски и Ахмети; „Моќник“ кој се однесува на неколку лица, меѓу кои и Антонио Милошоски, кој беше деновиве во преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ за статусот на СЈО; „Друмарина“ – за патните трошоци на Силвана Бонева; „Пациент“, со кој е опфатен Бујар Османи; „Пропаганда“, кој се однесува на влијание врз јавното мислење и обезбедување контролиран проток на информации во средствата за јавно информирање на товар на буџетот, а во насока на поддршка на дејствувањето на ВМРО-ДПМНЕ…
Владини извори велат дека моментно најзначајниот критериум за ЕУ не може да се исполни преку давање нова амнестија овој пат за случаи што произлегоа од „бомбите“. Тоа, како што се посочува, би значело суспендирање на принципот на владеење на правото, на што ЕУ инсистира во континуитет во сите досегашни извештаи за напредокот на земјава, покрај тоа што во последните извештаи посебно се истакнува потребата од целосно расчистување на аферата со прислушувањето и на случаите што произлегоа од неа. ЕУ, според извори од Владата, не бара какво било решение за СЈО, туку очекува да се донесе регулатива која ќе овозможи поголема правна сигурност во земјава и владеење на правото, а не селективна правда и политика на неказнивост.

Пак се бара начин за помали казни за злоупотреба на службена должност

Интересен е податокот дека во сите досегашни извештаи на СЈО се провлекува информација дека убедливо најголем број од осомничените и обвинетите во покренатите постапки се товарат за кривично дело „злоупотреба на службената должност и овластување“, согласно член 353 од Кривичниот законик. За време на политичките преговори за донесување на уставните амандмани што произлегоа од Преспанскиот договор, владејачкото мнозинство се обиде да интервенира во овој член од Кривичниот законик, во насока на ублажување на предвидените казни, но се повлече под притисок на јавноста, така што беа намалени санкциите само во членот 275, кој се однесува на злоупотреби при јавни набавки. Од Владата тогаш соопштија дека не се планира нова „заобиколна“ амнестија преку измена на членот 353, така што имплементацијата на Преспанскиот договор, како клучен критериум за потпишувањето на Протоколот за членство на земјава во НАТО беше истуркан единствено со т.н. делумна амнестија за настаните на 27 април 2017 година.
Сепак, членот 353 од Кривичниот законик оваа среда ќе биде предмет на оценка на Уставниот суд, како можност обвинетите од СЈО кои се товарат дека го оштетиле буџетот да добијат помали казни. Судот треба да одлучи дали ќе покрене постапка за оценување на уставноста на членот 353 став 5, по иницијатива на адвокатот Еленко Миланов, кој го спори тоа дека во претходните верзии на Кривичниот законик биле предвидени поблаги казни. Поточно, првичната казна од четири години била зголемена за една година, односно на пет години доколку е направена злоупотреба на службената должност при јавни набавки, на средства од буџетот, од јавни фондови или од други средства од државата. Адвокатот Миалнов е еден од бранителите на поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои ја поднесоа иницијативата до Врховен суд за оценка дали СЈО може да покренува истраги и обвиненија по истекот на првичниот рок. Врховниот суд се произнесе така што го прогласи СЈО за ненадлежно да отвора предмети или да покренува обвиненија по јуни 2017 година. Тоа е рокот што беше предвиден во 2015 година, во текот на преговорите во Пржино, а кој беше поставен на инсистирање на тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Александра М. Митевска