Груевски ја дотепа ВМРО-ДПМНЕ


Ерол Ризаов

Никола Груевски го дотепа на мртво име нокаутираниот боксер ВМРО-ДПМНЕ. Довчерашниот лидер ѝ го нанесе најтешкиот пораз на својата партија, од кој не ќе може да закрепне додека тој и неговите содружници не ги стаса правдата. Груевски успеа од парламентарната говорница со лажно претставување дека е лидер на опозицијата, во голема мера да нѐ демантира сите што имавме некакви надежи дека единствената легална револуционерна партија во Европа (другите партии од тој тип се забранети бидејќи работат илегално) ќе може да се реформира по смената на партискиот врв и да прерасне во нормална демохристијанска политичка партија, по урнекот на западноевропските десничарски партии. Од тоа не само што нема ништо, туку работите одат сосема спротивно. Во Собранието со јавно обраќање Груевски потврди дека ВМРО- ДПМНЕ е фалсификат на артефакт од 19 век кој не може да стои ни во сопствениот музеј, а не да управува со држава кандидат за влез во ЕУ.

Може да се има извесно разбирање за начинот на кој избеганата невеста сака да се врати дома, во Собранието, а да не биде тоа со наведната глава. Иако злосторството од 27 април не е семејна кавга, туку крвав обид за државен удар и за убиства на народни избраници, за што се води судски процес со обвиненија за тешки кривични дела зад кои како осомничен нарачател стои лично Груевски. Бојкотот на парламентот од страна на тазе опозицијата, која никако не може да ја прифати новата улога по десет години на власт, е само поради една причина – тоа беше последен обид да се направи пазарлак за спасување од затвор на Груевски и на неговите соработници, последен очајнички зафат да се попречи правдата и воспоставувањето правна држава. Груевски со својот настап во Собранието по повод интерпелацијата на Владата, како последен говорник, најавувајќи враќање на власт, ова го потврди на карикатурален начин, иако во суштина приказната е тажна како борбата на Дон Кихот со ветерниците. Груевски покажа дека не бил само популист кој ја загубил власта по десет години страховладеење во заробената и изолирана држава, целосно блокирана на својот пат кон прогресот, туку бил и месија кој уште проповеда дека е пратен од Господ да ја спасува Македонија.

После сѐ што ѝ се случи на Македонија, тој бесрамно и арогантно ја продолжи истата приказна со која цела една деценија ги лажеше граѓаните. Час евоцираше спомени за земјата светски првак во реформи и во бизнис-клима, час кажуваше гачки за големите економски успеси и странски инвестиции, час ги распредуваше патриотските приказни за спасување на уставното име на државата, како оправдување зошто сите комшии нѐ претркале на европскиот пат. Ако во тој момент го вклучевте телевизорот од директниот пренос на алиби-интерпелацијата по повод враќањето на убијците на местото на злосторството, човек може да помисли дека се работи за некоја реприза на МРТВ, од типот деновиве пред години. Таква е претставата додека не го слушнете Груевски во живо како кажува дека премиерот Зоран Заев треба да си поднесе оставка и да си замине од политиката бидејќи успеал за десет месеци да го уништи сѐ она што тој го изградил за десет години. Ова тврдење на Груевски беше единствената вистина што ја кажа од собраниската говорница. Премиерот Заев навистина за многу кратко време ги урна како кула од карти големите лаги ѕидани десет години. Брзо и лесно одеше откривањето на Потемкиновите села на поразената власт бидејќи тие веќе ѝ беа познати на јавноста и се предмет на судски истраги и процеси. Нема човек во земјата кој не знае дека во заробената држава криминалот и корупцијата биле најдоходовните странски и домашни инвестициски зафати. Сѐ е платено, главно во кеш и нешто во натура.

Не знам дали има уште некој во државата што верува дека Груевски и неговиот семеен тим се невини страдалници кои се влечат по судовите поради политичка пресметка од завист за големите успеси што ги направиле овие доброчинители на граѓаните на Македонија. Инсистирањето да се биде невина жртва на новата влада која ја ослободи Македонија од режимските стеги е тенка одбрана не само пред вистинскиот суд, туку и пред судот на јавноста. Таквиот популизам „за ништо не сум крив, жими мајка, ме местат предавниците на татковината, непријателите и кодошите“ веќе не проаѓа ни кај партиските војници, ни кај патриотите, ни кај најнаивните партиски симпатизери.

Очајниот повик на Груевски до премиерот Заев да си оди од политиката за тој да се врати на власт, практично е силна поддршка на Заев. Груевски со својот настап го стесни просторот на професионалните и независни новинари за критичките опсервации на потезите на владата што им е основна работа и повторно ги врати да се занимаваат со опозицијата која никако да прифати дека не може сто години да се биде на власт и да се краде и лаже без мерка. Всушност, ова беше можеби најподмолен удар на Груевски кон неговиот наследник Христијан Мицкоски за да си остане Санчо Панса, негов слуга сѐ додека тој халуцинира дека е Дон Кихот, големиот рицар кој не дознал дека феудализмот веќе не постои и дека нема повеќе средновековни деспоти и деспотии. Помирувањето на Мицкоски со улогата на Санчо Панса е потврда дека, иако е целосно свесен за неможноста да се врати режимот на Груевски, и натаму изигрува орденоносец на расчинетиот владетел кој мораше прво да ја почувствува правдата во својата партија, а потоа пред редовниот суд, доколку Мицкоски навистина имаше простор и амбиции да расчисти со компромитираното минато и на партијата, и на нејзиното раководство.

Излагањето на Заев во насока да се оди напред со позитивна енергија и со решенија наместо со оправдувања беше вистински одговор на бесмислената алиби-интерпелација. Добро е што Заев одбегна директен дуел со Груевски сместувајќи го во минатото и се сврте повеќе кон иднината.

Од сите дискусии на собраниската седница за интерпелација на Владата, не успеав да разберам што сака Зијадин Села. Многу се трудев, кажано без грам иронија, да му ја фатам поентата, ама не ми појде од рака. Она што успеав да го сфатам е дека човекот е категорично против јавањето на крилата на национализмот на ВМРО-ДПМНЕ и против тие што сакаа да го линчуваат со ќотек во парламентот на 27 април лани. Разбрав и тоа дека е против компромитираното корумпирано раководство на ДУИ, довчерашниот ортак на ВМРО-ДПМНЕ, убаво разбрав дека е и против новиот режим на Заев и затоа тој со своите пратеници нема да биде со никој и нема да гласа, ни „за“ ни „против“. Ќе бидат воздржани. Не разбрав каде заминаа по седницата. Галиба дома бааги воздржано. Беше многу доцна.