Груевски до Ристовска: Кадија те тужи, кадија те суди
Кадија те тужи, кадија те суди, рече на денешното судење поранешниот премиер Никола Груевски, во реплика до обвинителката Ленче Ристовска, која претходно изјави „дека некому можеш сосила да му земеш, а не да му дадеш“, објаснувајќи дека обвинетите не нашле време да ги видат и добијат записниците од претходните рочишта. Груевски алудираше на „една неприродна спрега меѓу СЈО и судот“. Тој е еден од обвинетите во предметот на СЈО „Тенк“ за набавката на луксузниот мерцедес од 600 илјади евра.
– Не бараме ништо со сила од Судот, бараме само тоа што ни следува со закон. Досегашното судење го сметам за нефер. Јас немав можност да ги видам аудио снимките како единствен доказ за обвинението против мене и затоа јас неможам да дадам воведен говор, рече Груевски.
Грујевски рече дека е обвинет за тоа што сакал да набави возило и дека сакал тоа да не се дознае.
– Не можам да разберам како може да се биде обвинет за тоа што сум сакал, рече Груевски и додаде дека неможе да каже дека во целост го разбира обвинението.
Груевски рече дека го прочитал обвинението и дека од него неможе да разбере зошто е обвинет.
Тој рече дека не признава вина од причина што работел согласно законот.
Јанкуловска се изјасни дека делумно го разбира обвинението и не признава вина, а Поповски се изјасни дека не е виновен.
По ова судијката Добрила Кацарска го прекина рочиштето и закажа ново на 12 март, кога треба да сведочат пет сведоци.
Одбраната реагираше на тоа, велејќи дека Судот повторно закажува термини, така што обвинетиот Груевски секој ден ќе треба да биде во суд.
Според обвинението, во периодот од февруари до крајот на октомври 2012 година Никола Груевски како службено лице ги искористил влијанието и службената положба и побарал од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, да спроведе јавна набавка во која Министерството ќе купи ново блиндирано патничко моторно возило „мерцедес“, модел „С-600 гард“, а во постапката бил фаворизиран економскиот оператор Мак Аутостар ДООЕЛ, генерален застапник и дистрибутер на возилата од брендот „Мерцедес“.
Јанкулоска за да го исполни барањето, пак, го поттикнала обвинетиот помошник-министер Ѓоко Поповски да стори кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето. Возилото од Министерството требало да се даде на користење и на Груевски кој сакал да користи такво ново блиндирано патничко моторно возило, но за тоа не сакал во јавноста да се дознае.
За набавката на мерцедесот јавноста дозна од разговорите кои ги објави опозицијата