Годинава ќе започне авиолинијата Атина-Скопје


Имаме разговарано со компанијата „Aegean airlines“, знаеме дека е планирано да се направи ова поврзување и во текот на 2018 година секако ќе започне, вели алтернативниот шеф на грчката дипломатија Јоргос Катругалос во однос на новата авиолинија Атина – Скопје најавена за оваа година.

– Постојат разговори во „Aegean“ за активирање на оваа авиолинија. Ние на тоа гледаме позитивно, како и на секоја мерка што ја промовира економската соработка на двете земји, вели Катругалос во одговор на прашањето на дописничката на МИА од Атина на денешната средба со новинарите во грчкото МНР.

Во октомври минатата година, грчката авиокомпанија Aegean airlines на прес-конференција соопшти дека во 2018 ќе се воведен директен лет Скопје-Атина, а македонската престолнина беше една од новите 11 дестинации.

Како што објави МИА пред неколку месеци, главната пречка за да започне авиосообраќајот на релација Скопје кон Атина и обратно, беше името на скопскиот аеродром. Но, со преименувањето, се отвори патот за да се поврзат престолнините на двете соседни земји.

Во 2003 година постоеше директно авионско поврзување меѓу Скопје и Атина, со редовна линија, пет пати седмично, нешто што беше прекинато, а бизнис заедниците од Македонија и Грција минатата година побараа одново да се воведе лет.