Гала
Лејла Сабит
Отварање, премиера, коктел, промоција, вечера или концерт.
Во долга тоалета и смокинг, сите ви се смешкаат, љубезни се, ве поздравуваат, ве канат на кафе и се сликаат со вас селфи.
Убаво ви е во душата, се чувствувате како ВИП личност, газите по црвен килим и седите во прв ред.
Во паузите шетате со скапо вино или виски во рака и муабетите за политика со полна уста.
Парфемите се мешаат со џагор, сурфањето по мобилен со ракоплескање, а тишината со шушкање на кеси.
Некој доаѓа подоцна, некој си оди порано.
Кога ќе се изгаснат рефлекторите…
Во спортска облека, со неиспрана коса и без шминка не ве препознаваат, ве одминуваат, не се сеќаваат на кафето, а селфито е веќе избришано.
Се чувствувате мизерно, во душата се собира гнев, газите по дупки низ улиците и се гушите од пот во автобусите.
Шетате со вода од пластично шише, давате по некој денар на бездомници и муабетите за политика додека џвакате хот-дог со сенф.
Животот е секој ден, а не една вечер.
Тоалетата и смокингот мирисаат на нафталин од неносење.
Секој што е млад, ќе стане стар.
Да си ѕвезда, не значи и среќа.
Успехот не носи секогаш пари.
И Скопје како и Кан без гала вечери е обичен град.
Со богати и сиромашни граѓани и со љубопитни туристи.
Со бесни коли, скапи јахти, обични и брендирани продавници и џипси свадби.
Со нападна архитектура и старински хотели.
Убави жени шетаат низ Дебар маало како старлетите по Кроазета и плажите на Кан.
Зачестија Поршеата по скопските улици, а јахтите ни се укотвени во соседството.
Уживајте во гламурот на Филмскиот фестивал во Кан и на Мајските оперски вечери во Скопје!