Во пресрет на СЏФ: Потребни ни се повеќе жени џез-музичарки


Родовата еднаквост во џезот е актуелна тема низ светот повеќе години. Ова е широка тема која сè почесто се дискутира на џез-конференциите низ светот.

Скопскиот џез фестивал (СЏФ) годинава во рамките на 37. издание ќе промовира и манифест на Европската џез-мрежа (Europe Jazz Network) за родова еднаквост во џезот и креативната музика.

Според директорот на СЏФ, Оливер Белопета, речиси сите западноевропски земји имаат направено и статистички податоци за тоа колку жени музичарки се застапени во проценти или колку жени има во тимот на организации на фестивалите.
– Тоа е една голема тема на која скоро разговаравме и на џез-конференција во Лисабон. Тешко е да се одговори зошто има толку малку жени џез-музичарки и тука да не се работи за пејачки. Кај нас има по некоја што пее џез и две-три што свират џез – вели Белопета.

Џез-фестивалите низ светот главно се финансирани од државите, па често кога се даваат финансии за некој фестивал самите институции бараат одреден процент жени-музичарки да бидат застапени. Тоа е исто така дискутабилно бидејќи џез-музичарките што се дел од фестивалите не се таму за да пополнат квота, туку затоа што навистина се добри музичарки.

На годинешното издание на СЏФ, во сабота, 20 октомври, концертите главно се од женски изведувачки.
Ќе настапи данската саксофонистка Мете Расмусен, уникатниот многуброен женски вокален состав „Трондхејм војсис“ со својот впечатлив аудиовизуелен перформанс, како и специјалното трио на португалската трубачка ѕвезда Сузана Сантош Силва со извонредниот холандски саксофонист, кларинетист и композитор Аб Баарс и со чикашката легенда Хамид Дрејк. Од Финска, пак, за еден концерт доаѓа возбудливото и динамично џез-трио „Мопо“ (Mopo).

Ова издание на фестивалот се издвојува по тоа што сите концерти се ексклузивни, односно програмата е правена без да се избираат музичари кои се во моментот на турнеја.

– Сите се поканувани специјално да гостуваат на ова издание во Скопје. И Дејвид Мареј беше така договорен, но подоцна тој успеа да си испланира и турнеја. Тоа беше една идеја што автоматски значи дека програмата е малку потешка – вели Белопета.

Фестивалот ќе почне в четврток, 18 октомври, во Македонската опера и балет со настап на најдобриот британски џез-пијанист денес – Александер Хокинс, кој ќе дојде од Лондон во Скопје само за еден пијано џез-рецитал. По него е славниот американски саксофонист Дејвид Мареј со неговиот квартет кој заедно со раперот и поет Сол Вилијамс ќе го претстават проектот „Blues for Memo“.

Тројца познати гитаристи, како што рече Белопета, ќе гостуваат на џез-фестивалот во Скопје – Бразилецот Арто Линдзи, кому ќе му се придружи норвешкиот тапанар Паал Нилсен-Лав, кој ѝ е познат на скопската публика, Трстон Мур – некогашниот фронтмен на „Соник јут“ (Sonic Youth), и Брендон Рос, предводник на култната њујоршка тројка „Хариет Табман“ (Harriet Tubman) кои ќе настапат в петок.

Ексклузивен настан ќе биде и единствена европска аудиовизуелна изведба на проектот „Reflections and Meditations on Monk“ на трубачот Вадада Лео Смит, кој од Њујорк доаѓа, исто така, специјално за настапот в петок. Белопета рече дека и по 50 години кариера тој е сè уште еден од најкреативните современи џез-музичари.

Белопета вели дека годинава фестивалот нуди послободни форми на џез и фестивалот е концентриран на современа музика.
– И џезот си има свои трансформации и во последните години тенденција во џезот е импровизацијата и креативната музика. Затоа и програмата е потешка и, главно, се потпира на импровизација, но не во негативна смисла, туку тоа се послободни форми на џезот. А за таква широка понуда и програмска ориентација ги имаме клучните луѓе – вели тој.

На последната фестивалска вечер, 21 октомври, в недела, Тони Китановски со концерт ќе одбележи 30 години музичка кариера. Концертот ќе биде во два дела со пауза. Во првиот дел ќе биде промовиран неговиот најнов проект, квинтетот „Панда“, а во вториот дел ќе му се придружат неколку негови музички соработници.

Во придружната програма на фестивалот ќе биде доделена наградата „Златен орикс“ за најдобар млад џез-музичар, а добитник годинава е Филип Димишковски. Ќе биде отворена и изложбата „Духовите на Африка – ритуална западноафриканска уметност“ во соработка со Музејот на Македонија и Музејот на африканската уметност од Белград. Авторка на плакатот за годинашното издание на фестивалот е Јана Мишева.

Четири концерти ќе се одржат во Македонската опера и балет, а полноќните концерти во Дансинг-салата на Младинскиот културен центар. Белопета вели дека годинава се одлучиле за МОБ бидејќи новата сала на Македонската филхармонија не е воопшто акустична.

Ивана Настеска