ВМРО-ДПМНЕ со променливо расположение: Ем бојкотираат ем патуваат


Привремениот координатор на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев отпатува во Вашингтон, а неговиот сопартиец и колега во парламентот Антонио Милошоски во Стразбур… До крајот на овој месец, пратеници на најголемата опозициска партија се очекува да учествуваат и на претстојната конференција што ја организира британскиот институт „Вилтон парк“ во Лондон, каде што се расправа вообичаено за битни прашања за работата на парламентот, а се спомнува и нивно присуство во парламентарна делегација на настан во организација на ОБСЕ.

Иако поради приведувањата и притворањата за настаните на 27 април минатата година, веќе трет месец не учествуваат во собраниските активности, освен со одредени исклучоци, пратениците на најголемата опозициска партија, очигледно, не ги бојкотираат и собраниските делегации што патуваат надвор од земјата. Така, Ѓорчев оваа седмица, според информациите, во функција на пратеник замина во САД, каде што, меѓу другото, треба да присуствува и на молитвениот појадок во Белата куќа. Од неговите колеги од парламентот, таму се и Артан Груби од ДУИ, кој е претседател на собраниската Комисија за европски прашања и генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацовски. Во Вашингтон, инаку, е и новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој не е пратеник.

Милошоски, пак, оваа седмица беше во Стразбур, Франција, како дел од парламентарната делегација, предводена од претседателот на ЛДП, Горан Милевски. Македонските пратеници учествуваа на 14. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет на Македонија и Европската Унија за стабилизација и асоцијација. Во дводневната работа на Комитетот, покрај Милевски, како копретседавач и Милошоски како заменик-копретседавач, се вклучија и пратениците Жаклина Лазаревска (СДСМ), Реџеп Мемеди (Беса), Бетиан Китев (СДСМ) и Ејуп Алими (координатор на ДУИ)
Од Собранието нема прецизна информација за сите патувања на пратениците во текот на февруари, иако тоа беше образложението од спикерот Талат Џафери зошто во наредните седмици нема да закажува нови пленарни седници. Како причина за тоа беше наведено дека многу од пратениците ќе бидат на службени патувања во овој период, а имаше и објаснувања дека поради тоа и во услови на отсуство на опозицијата, тешко ќе се обезбеди кворум во собранискиот пленум. Од друга страна, дојдоа информации дека Џафери им соопштил на координаторите на пратеничките групи дека нема да закажува нова седница додека не се најде начин за деблокада на Законот за јазиците.

На почетокот на собраниските седници во изминатиот период, Џафери ги читаше обично како отсутни сите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, посочувајќи дека тие го известиле дека се спречени да присуствуваат на заседанието. Соговорници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ велат дека тие не се во класичен бојкот. Затоа, како што посочуваат, и трипати досега се враќаа инцидентно во парламентот: за годишното обраќање на претседателот Иванов, за говорот на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и на почетокот на седницата на чиј дневен ред е Законот за јазици.
Џафери на неодамнешниот брифинг со новинарите рече дека е во постојана координација со ВМРО-ДПМНЕ околу можностите за деблокада на Законот за јазици. Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период не испраќа свој претставник ниту на редовните координации кај спикерот, кои се одржуваат секој понеделник.

Во парламентот, според информациите, како главен координатор на ВМРО-ДПМНЕ фигурира сѐ уште Илија Димовски, иако тој ја известил партијата дека се повлекува од оваа позиција, по што за привремен координатор беше назначен Ѓорчев. Исто така, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се и натаму поделени во десет пратенички групи, иако, во меѓувреме, дел од членовите од помалите коалициски партии преминаа во независни и сега ги поддржуваат владините закони. Според тоа, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ не брои веќе 51 пратеник, додека услов за формирање пратеничка група е во неа да учествуваат најмалку пет пратеници.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ формираа работни групи за реформските закони што треба да се донесат со двотретинско мнозинство, како и за измена на изборната регулатива. Во таа насока, веќе е постигната согласност околу законот за заштита на сведоци.

Законот за јазици на стенд-бај: Собранието речиси цел месец без кворум

До крајот на февруари не беше закажана, до вчера доцна попладне, ниту една пленарана седница на парламентот. Нема најава за нова собраниска седница. Ниту, пак, за продолжение на 32. седница, на чиј дневен ред е законот за употреба на јазиците во трето читање, откако претседателот Ѓорге Иванов не го потпиша указот за тој да стапи во сила.
Спикерот Талат Џафери на неодамнешниот брифинг со новинари најави дека законот за употреба на јазиците треба да се врати на повторно разгледување во парламентот во рок од 30 дена откако беше донесен првично, што би значело најдоцна до 11 февруари. Но, иако тој рок истекува во недела, од парламентот вчера не можеше да се добие информација околу тоа кога би почнала пленарната расправа за регулативата која е дел од коалицискиот договор меѓу СДСМ и ДУИ, а за која ВМРО-ДПМНЕ неодамна поднесе над 35 илјади амандмани на првичниот текст.
Отсуството на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ е отежнувачка околност за парламентарното мнозинство во однос на обезбедување кворум за почеток на седниците, па и за донесување на законите за кои е потребно просто мнозинство, бидејќи и тогаш во салата треба да бидат присутни најмалку 61 пратеник. Од друга страна, премиерот Зоран Заев вели дека парламентарното мнозинство располага моментно со 70 пратеници, што е изненадувачка бројка.
Александра М. Митевска