ВМРО-ДПМНЕ се враќа со интерпелација за Владата


ВМРО-ДПМНЕ се враќа во парламентот, соопшти лидерот Христијан Мицкоски, по завршувањето на вечерашните седници на Извршниот и на Централниот комитет на партијата. Тој рече дека првата работа што ќе ја направи ВМРО-ДПМНЕ во Собранието е поднесување на интерпелација за работата на Владата, која ја нарече криминална и неспособна.

Мицкоски посочи дека од парламентот ќе ги контролира сите идни потези на кабинетот на Зоран Заев. За реформските закони, пак, посочи дека се во голем дел усогласени и дека се прифатени многу од барањата и сугестиите на опозицијата. Сепак, како што рече, ВМРО-ДПМНЕ не ѝ верува на оваа владејачка гарнитура и затоа ќе бара и писмени гаранции дека ќе се спроведува она што е договорено.

Се учекува пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои пред три месеци прогласија бојкот поради апсењата за настаните за 27 април, уште денеска да се појават во Собранието, зато што утре почнува новата седница на чиј дневен ред се системските закони за судови и за Судскиот совет.

Ако опозицијата веднаш ја поднесе интерпелацијата што ја најави, тогаш владата на Заев ќе треба пред велигденските празници да помине низ тест на доверба, со оглед на роковите во Уставот кои предвидуваат гласањето „за“ или „против“ владиниот кабинет да се реализира за три ден од поднесувањето на барањето.