ВМРО-ДПМНЕ пред одлука дали и како ќе се врати во парламентот


За вечерва во 19 часот, според информациите, е закажан почетокот на седниците на Извршниот и на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, кои треба да пресечат дали опозицијата ќе се врати во парламентот за да се вклучи во носењето на реформските закони.

Партиските тела го отвораат повторно ова прашање по информациите дека се усогласени со СДСМ дел од системските закони кои произлегуваат од планот 3-6-9. Два од тие закони – за судовите и за судскиот совет се веќе ставени на дневен ред на собраниската седница која почнува утре, а за денеска е најавено нивно разгледување во надлежни комисии.

ВМРО-ДПМНЕ пред три месеци одлучи да не учествува во работата на Собранието, по приведувањата за настаните во Собранието на 27 април минатата година. Аргументацијата на опозицијата беше дека 12 проценти од нејзината пратеничка група се во притвор. Во изминатите денови, тројцата притворени пратеници на ВМРО-ДПМНЕ беа пуштени во домашен притвор, додека другите тројца кои беа во домашен притвор се пуштени да се бранат од слобода.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христија Мицкоски, во денешното интервју за Радио слободна Европа, порача дека ако се донесе одлука пратениците да се вратат во Собранието, тие веднаш ќе поднесат интерпелација за работењето на Владата. Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ, покрај математичките услови кои се речиси исполнети, има и политички услови во разговорите со СДСМ, за кои се дискутирало паралелно со усогласувањето на законите од планот 3-6-9.