ВМРО-ДПМНЕ повикува на државен удар
Ерол Ризаов
ВМРО-ДПМНЕ со предупредувањето до премиерот Зоран Заев дека посакува да се повтори 27 април лани, кога беше извршено крвопролевањето во Собранието, практично повторно повикува на државен удар. И овој пат тоа се прикажува како божем спонтана реакција на загрижени граѓани кои го бранат достоинството и честа на Македонија по склучениот договор со Грција. Ова е само претходница на следните чекори што ќе ги преземе врвот на ВМРО-ДПМНЕ до одржување на референдумот со цел да го направи неодржлив.
Во мир и слобода, кога можат да се чујат, видат и разберат аргументите, кога може да се размислува со своја глава, и да се гласа слободно, ВМРО-ДПМНЕ е само музејски експонат. Тоа е единствената легална националистичка крајно десничарска политичка партија во Европа која во свето име ја има ознаката „револуционерна“. ВМРО-ДПМНЕ е погрешно крстена од своето основање со препишана историја од архивите и присвоена од колективното памтење на Македонците. Мит на кој со фалсификат е додадена политичката одредница „демократска партија“, која никогаш не е остварена. Денес, на крајот од втората декада на 21 век, старите и новите лидери на ВМРО-ДПМНЕ, изгубени во просторот и во времето, повикуваат на востание против својот народ и својата земја.
Без жртви, без хаос, без насилство, без криминал и корупција, без уцени и рекет, без сеење страв, без тиранија и режим не функционира партијата која 11 години владееше без контрола и ја држеше државата заробена.
Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ видоа шанса во потпишаниот договор меѓу Македонија и Грција повторно да оживеат и да се вратат на власт по последните два изборни порази кога ја изгубија власта и заминаа на судска клупа како обвинети за тешки кривични дела и злосторнички здруженија. Кога се соочија со своето бедно положение на улиците, само со една шака добро познати и забегани вмровски рецидиви, настапи паника. На протестите не доаѓаа ни до вчера редовните членови на партијата ниту, пак, тие што ги наполнија дисаѓите со милиони евра, пари на ограбените и осиромашени граѓани, ги нема ни пријателите ни роднините на осамените политички лидери. Беше тоа очајна слика на партија пред распад. Што да се прави во таква ситуација освен да се предизвикаат инциденти, да се провоцираат судири, да има крвопролевање, жртви и најмногу лаги. Пред Собранието на Македонија со инструирање на навивачката дружина „Комити“ е предизвикан судир со полицијата и паднаа првите капки крв од која веднаш се напија вампирите.
Полицијата цели 11 години се партизираше, ужасна трансформација, која познатата министерка Гордана Јанкулоска ја озаглави со името ВМРО-МВРО и која цела деценија претставуваше главен бастион во одбраната на режимот, сега преку ноќ стана ненародна и сдсмовска. Што мислите – дали слабо ја идеологизирале и партизирале полицијата во 11 години на владеење на режимот или, пак, македонската полиција не е полиција, туку партиска гарда во одбрана на власта, која и да е. Дали се тоа истите полицајци и началници чавковисти кои лани на 27 април се правеа „на Тошо“ кога толпата предводена од партиските перјаници со качулки на главите и од колеги од тајната полиција упаднаа во парламентот да ги линчуваат пратениците и да го спречат конституирањето на Собранието. Можно ли е само за една година да се направи професионална полиција која е под контрола и која не смее да употребува прекумерна сила, дури и при насилни протести.
Верувам дека најверојатно имало пречекорувања во употребата на сила и недозволени средства од страна на полицијата. Но уште повеќе верувам дека тоа и било целта на организаторите на протестите за да дојде до радикализација на ситуацијата која секогаш обезбедува поголем одглас на граѓаните.
Сѐ додека организаторите не се соочат со правдата за кршење на законот и за нарушување на јавниот ред и мир и не заминат во затвор по итна постапка поради вакви опасни инциденти полни со насилство и јазик на омраза кон сите што го поддржуваат договорот со Грција не е можно да се организира референдум за слободно изјаснување на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ со организирање насилни протести против Западна Европа, Америка, НАТО и ЕУ, против наши соседи и стратегиски партнери, но и против сопствените граѓани се определува за дестабилизација на државата. Повикува на вонредна ситуација и на државен удар. Таков еден силен притисок издржа претседателот Борис Трајковски 2001 година кога ја спаси Македонија од граѓанска војна. За актуелниот претседател Ѓорге Иванов не може да се каже дека не е подготвен да ја втурне земјата во немири и диктатура. Протестите кои задолжително почнуваат со палење на меѓуетничките огнови, така и завршуваат кога тие што ги запалиле изигруваат пожарникари и спасители.
ВМРО-ДПМНЕ се огласи со својата позната метода да ги обвини другите за она што сака да го направи. Ѝ приопштија на јавноста дека премиерот Зоран Заев посакува реприза на 27 април лани. Тоа е првиот сигнал дека се подготвува нов упад во Собранието, исто толку спонтан како ланскиот. Но, овој пат тоа на сите им е јасно дека нема да помине. Спогодбата со Грција ќе се ратификува и нема враќање назад. Македонија е уморна од ВМРО-ДПМНЕ и од постојаните лаги и оправдувања зошто не сме таму каде што заминаа пред нас сите наши соседи. Сега е отворен патот кон европеизација и членството во НАТО и во ЕУ, кои се најзначајните стратегиски приоритети и на државата и на граѓаните прифатени од сите партии и сите влади, од сите институции и сите економски, политички и развојни програми. Враќањето на почеток е антиисториски, антицивилизациски и антидржавен чин пар екселанс.
И конечно, ако во ВМРО ДПМНЕ се сигурни дека народот е со нив, тогаш чуму им се насилни протести и судири, сеење страв и омраза. Изјаснувањето на граѓаните во мир и слобода на општонароден референдум ќе покаже дали граѓаните сакаат повторно да се најдеме на почетокот како пред 27 години, или ќе ја изберат европската иднина. Очигледно во ВМРО-ДПМНЕ веќе го знаат резултатот, па наместо да се приклучат кон победниците и кон своите зацртани програмски определби и да бидат учесници на историскиот чин одбраа да бидат поразени и на овој начин. Гласот и поддршката на свеската политичка елита и најугледните медиуми тие го толкуваат како заговор на целиот свет против Македонија. Типично вмровски.
Претходниот лидер Никола Груевски ја разви таа теза до апсурд. Прислушувањата на над 20.000 граѓани, јавни личности, непрестајно во период од шест години, обелоденувањето на „бомбите“ и црнилата од нивното владеење своерачно запишани на снимките, судските процеси, обидите за државен удар сето тоа било организирано за тој и ВМРО-ДПМНЕ да ја загуби власта за да може да се промени името на државата и да се обезличи македонскиот народ. Ете тоа го работеле цели шест години Америка, ЕУ, НАТО, нашите соседи во спрега со домашните непријатели и предавници. Сите тие цела деценија немале поважна работа од тоа да ја уништат Македонија. И, види чудо, во тоа не успеале. Ваква небулоза тешко е да смислат и пациентите кои 24 часа се на интензивна терапија по телевизиите и на социјалните мрежи.
Референдумот ќе ги освести сите и ќе ги смести таму кај што припаѓаат, се разбира, ако има услови да се одржи.