ВМРО-ДПМНЕ не се враќа утре, ќе ја чека седницата за доверба на Владата


Првата пленарна седница на која ќе се појави ВМРО-ДПМНЕ во праламентот, по одлуката за прекин на бојкотот, ќе биде таа на која ќе се расправа за довербата во владиниот кабинет, најавува координаторот на пратеничката група Драган Данев
Иако за утре е закажана нова седница, на чиј дневен ред се законите за судови и за Судски совет, пратениците од опозициската коалиција нема да се вклучат во нејзината работа од почетокот, туку ќе ја чекаат седницата за интерпелацијата на кабинетот на Заев.

Данев вели дека иницијативата за гласање доверба се подготвува и дека наскоро ќе биде доставена во парламентот. Од тоа кога интерперлацијата ќе стигне во собраниската архива зависи кога за неа ќе расправаат пратениците. Односно тоа треба да се случи во рок од три дена од незиното поднесување. Данев вели дека ќе се потрудат гласањето за доверба на владата да не се совпадне со велигденските празници.

Прашање за доверба на Владата може да постават најмалку 20 пратеници, а за евентуално изгласување недоверба на владиниот кабинет се потребни минимум 61 пратенички глас. Во случај да се изгласа недоверба на Владата, таа е должна да поднесе оставка, во спротивно, во следните 90 дена не може да се покренува повторно прашање за доверба во кабинетот на „Илинденска“. Расправата за доверба во владата трае еден ден, а гласањето се реализира на полноќ.

Ова е прв тест на доверба за кабинетот на Зоран Заев, десет месеци по смената на власта на „Илинденска“. (А.М.М.)