ВМРО-ДПМНЕ: Владата е заталкана и води погубни економски политики
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на седница на Централниот комитет на партијата вчеравечер најавил дека во наредниот период ќе почне теренски средби со граѓаните низ целата држава, со цел да ги слушне нивните сугестии за потоа за нив да се понудат програмски решенија.
Тој и членовите на Централниот комитет оцениле дека на економски план државата тоне и се соочува со колапс и дека по девет месеци владеење, граѓаните се „сведоци на десетици лаги и неисполнети ветувања од предизборниот период“.
– Со секој изминат ден се потврдуваат сомненијата дека функционерите на СДСМ или свесно ги лажеле граѓаните или се целосно неспособни да реализираат било што од ветеното во текот на кампањата. Катастрофата е иста и на локално и на централно ниво, рекол Мицковски на седницата на Централниот комитет.
Во однос на економската состојба, членовите на ЦК заклучиле дека „неспособноста на СДСМ се рефлектира со катастрофални резултати кои одат на товар на граѓаните“.
– Порастот на бруто домашниот производ на крајот на годината не е ниту во позитива, што уште еднаш докажува дека Владата е заталкана и води погубни економски политики, наведува ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму наведуваат и дека владеењето на правото е загрозено и воопшто не се подобрува ситуацијата со правосудниот систем.
– Веќе четврти месец се во притвор уставобранителите, а осудените криминалци кои ги ослободија СДСМ шетаат на слобода. Криминалот и корупцијата во државава стануваат официјална политика, а полицијата не презема никакви чекори за справување. Затоа Македонија е рекордер во падот на листата на интернационалната Транспаренси и се наоѓа во друштво на земји од централна Африка, наведува ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението партијата наведува и дека и натаму стои на ставот дека во преговорите со Република Грција не треба да се задира во идентитетот, јазикот и Уставот бидејќи тоа, смета, ќе биде погубно за нашата држава.
На седницата на Централниот комитет Златко Перински бил назначен за шеф на кабинетот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, со што престанал неговиот досегашен мандат како член на Извршниот комитет на партијата.