Власт и сласт, или и планините растат


Звонко Давидовиќ

Постојат три големи страсти – алкохол, коцка и власт, напиша Меша Селимовиќ во своето дело „Тврдина“. Првите две страсти, а јас би ги нарекол и пороци, можеби и можат да се излекуваат, но третата никако. Власта е најголемиот и најтежок порок. Поради неа се убива, гине, поради неа се губи човечкиот лик. А волшебна е и привлечна како волшебен камен бидејќи прибавува моќ, ветува исполнување на секакви желби. Човекот кој е на власт и неговото его го хранат подлизурковци, го поттикнуваат кукавици, го подржуваат оние со лични интереси, а неговата претстава за себеси е секогаш поубава од вистината. Сите луѓе ги смета за глупави, бидејќи пред него го кријат своето вистинско мислење, а за себе го присвојува правото дека знае сѐ и луѓето го прифаќаат тоа. Никој што е на власт не е паметен бидејќи и паметните брзо го губат разумот и никој не е трпелив бидејќи мразат промена. Веднаш почнуваат да создаваат вечни закони, вечни начела, вечно устројство и, врзувајќи ја својата власт за Господ, сакаат да ја направат вечна својата власт и моќ.

Од постанокот на човештвото па до денес, без оглед на неговиот напредок, власта и поимот за неа не напредувале многу. Без оглед на начинот на кој се доаѓа до неа, со наследување на престолот, со моќ и сила, со гласање и избори, на крајот сѐ се сведува на исто, желба да се дојде до власта и што подолго да се остане.

Секогаш оној што претендира да дојде на престолот во таа своја борба за власт ветува многу и најчесто се повикува на правдата, еднаквоста, одговорноста, желбата за подобра иднина, подобар живот, но кога ќе седне на тронот на власта брзо исчезнуваат ветените нешта и уште побрзо се забораваат. Вчера наликува на денес исто како што и утре ќе биде исто. Големите идеи и зборови, големите ветувања остануваат заборавени и нереализирани, а најчесто за таквото нешто се обвинува претходникот, кој до вчера седел на истиот трон со истите ветувања и големи нереализирани зборови и идеи. Смешно е и апсурдно оправдувањето дека нема напредок и реализација на идеите и ветувањата затоа што „новите“ не биле свесни колку „старите“ го урнисале системот, институциите и колку многу сме задолжени. Како не биле свесни кога целиот свој опозиционерски мандат само за тоа зборувале никому не му е јасно, ама власт е власт и секогаш е во право.

Интересен е речникот и однесувањето на политичарите и, ако не знаеш кој на која партија ѝ припаѓа, многу тешко ќе ги разликуваш затоа што зборовите, идеите, паролите и ветувањата се исти. Единствено за што можеш да си сигурен е дали некој е во позиција или опозиција. Опозицијата обично ги брани темелните човекови права и вредности, загрижена е за државата и нејзиното функционирање, заложбите за еднаквост и рамноправност се вткаени во сите програми и предлози и тоа трае сѐ додека не се заседне на власт. Тогаш вокабуларот се менува и почнува да се кука и да се правда како не е можно ветеното да се исполни брзо затоа што или законите кои претходната власт ги донела сѐ уште ја штитат или е државата толку урнисана и исцрпена да нема можност за брзи решенија или се оние од „старата“ власт секаде инфилтрирани. И сево ова трае додека се на власт, а како доаѓа до смена на власта така се менува и вокабуларот. Понекогаш ми се чини дека покрај мандатот на „новите“, им се предава и речникот во кој се содржани фрази, изреки и изговори кога си на власт. Нормално оние сега веќе „стари“ го наследуваат опозиционерскиот речник.
Покрај оправдувањата, изговорите и речникот, „новите“ ја наследуваат и суетата од „старите“. Суетата е правопропорционална со власта и оди рака под рака со неа. До вчера секоја критика која била упатена додека биле во опозиција и се сметала за конструктивна и се гледало на неа како желба на народот за подобри решенија и подобро утре, наеднаш станува дневнополитичка ујдурма на политичкиот противник. Народот кој критикува не е повеќе народ кој има еднакви права и е слободен да го каже своето мислење туку станува заблудена маса под влијание на опозицијата и нејзините дневнополитички измислици.

Со власта доаѓаат и привилегиите и недопирливоста, одвоеноста од народот, секојдневниот живот и довчерашните навики. Наеднаш се запира сообраќајот за да поминат водачите на народот со ротациски светла и сирени јасно искажувајќи ја итноста и битноста на задачата која тргнале во името на народот да ја завршат. Полека но сигурно секојдневните места, пазари, продавници, а и навики, се менуваат и сѐ помалку е „новиот“ присутен на старите места и ги заборава старите навики, а како би можело да биде поинаку кога сега има на грб цел еден народ и држава и сите нивни грижи и желби. Другите, пак, оние „старите“, полека почнуваат да се присетуваат на старите навики и места, им се враќа меморијата и сеќавањето, па сѐ почесто можеш да ги видиш како пеш или на велосипед без ротација и сирени одат на пазар или во самопослуга.

Кога се доаѓа на власт, се менува дури и комуникацијата со средината и тоа не само по однос на зборовите и фразите по принципот „тешко е и одговорно“, „да знаев дека има олку работа немаше да прифатам“, „ова го правам за вас“, ама ела повикај го да си оди од функцијата да видиш што ќе те снајде. Се менуваат и броевите на телефоните и имениците во нив. Наеднаш старите броеви за „новите“ не важат и нема шанси да ги добиеш. Оние, пак, што заминале од власта полека почнуваат да си ги враќаат старите броеви и дури да им се јавуваат на старите пријатели сами без повод и причина.

И сѐ така во круг угоре и удолу, на власт или во опозиција, истите ликови со години со истите ветувања, изговори и промашувања и тоа пред истиот народ кој кратко памети, брзо заборава и кој ништо не научил и не пораснал за овие две децении. За две децении на некои други места планини пораснале. (Авторот е адвокат)