Витамин Д – „златен“ зимски витамин за деца и за возрасни


Витаминот Д е исклучително важен витамин за нормален раст и развој на децата. Но, многу е важен и за возрасните, особено кога ќе стигнат есента и зимата.

Најважните корисни функции:

-неопходен за метабилизам на калциумот и фосфорот, без кои нема здрави коски и заби. Калциумот им дава цврстина на коските, но е важен и за нормално функционирање на срцето, мускулите, нервите.

– е чувар на кожата и учествува во нејзината ревитализација

-игра улога во доброто функционирање на имунолошкиот (одбранбен) систем на организамот, бидејќи им помага на ќелиите „војници“ во борба против микроорганизмите

-важен е и за нормалното создавање инсулин во панкреасот, бидејќи влијае врз подобро согорување на шеќерот во ќелиите.

Дали витаминот Д им треба и на возрасните?

Сите бенефити од овој витамин што важат за децата, важат и за возрасните. Витаминот Д е важен и во борбата против стрес и напнатост, го јакне имунитетот, помага во борбата со вишокот килограми, превенира дијабет и кардиоваскуларни болести. Кај повозрасните луѓе (особено жените) е важен за превенција на остеопорозата, но притоа е важно дозите правилно да се утврдат заедно со доктор.

Што се случува ако нема доволно витамин Д?

Ако бебето во првата година од животот нема доволно витамин Д, настанува сериозна болест наречена рахитис. Коските се меки, лесно се виткаат (немаат доволно калциум), па наместо здрави коски детето има „рахитични“ коски – се деформираат главата, градниот кош, долгите коски на нозете и рацете.

Кај поголемите деца, недостатокот на овој витамин предизвикува општа слабост на организамот, недостаток на сила во мускулите, нервоза без причина.

Кои намирници содржат витамин Д?

Природен витамин Д има во рибата – скуша, лосос, харинга, сардините. Млекото и млечните производи се добар извор на витамин Д, исто како и јајцата. Печурките и авокадото исто така го содржат овој витамин, но во помала количина.

Може ли да се претера со овој витамин?

Може! Тогаш се јавуваат необјаснива мачнина, повраќање, замор, чешање, „суви“ очи. Ако многу се претера, следуваат проблеми со уринарните и дишните органи. Скоро сите несакани ефекти се врзани со прекумерно таложење на калциум во ткивата.