Визуелната инсталација и науката


 

Владимир Величковски

(Кон изложбата на Велимир Жерновски во Музејот на современата уметност – Скопје)

 

Дела од Велимир Жерновски, автор од помладата генерација, се претставени на повеќе „кураторски изложби“, а негова творба е изложена на постојаната поставка на музејот. Тоа значи дека оваа институција стои зад работата на Жерновски, иако според неговите трендовски сообразени замисли не изгледа многу уверливо. Таквото мислење се потврдува особено со оваа најнова изложба концепт изразувајќи ја на свој начин реалната состојба во сферата на визуелните уметности (можеби најнезавидна), како и работата на спомнатата институција. Што се однесува до историјата на уметноста и критиката тие струки во нашата средина и (не)култура не значеле ништо, ниту вчера, особено не денес. Тоа никого не загрижува затоа што преовладува интересот за лесна забава и брзо збогатување (главно на нелегален начин), за маркетинг на спонзорите и други активности надвор од уметноста (бројот и квалитетот на изложби е значително намален, а ликовниот живот главно е базиран на ретроспективи на „старите мајстори“, претставени рутински без нови истражувања и согледувања).

Изложбата насловена „Отаде црнилото“, всушност, е инсталација на неколку одбрани објекти во две изложбени сали. Амбиентот содржи девет вертикални светилки во разни бои, како и светилки кои се насочени кон неколкуте човечки, роботски обликувани фигури (во „златна боја“) кои се поставени во правилен ред, пред или меѓу конструираните црни паноа. Истиот ефект е постигнат и на топчестите облици наједноставно обликувани.

Добиен е ефект на интимен, повеќе темен отколку осветлен простор од сценографски тип без некој посебен ефект на таинственост ниту возбудливост. Изложени се неколку црни топки, некои комбинирани (како „атомски гроздови“ со помали, исто така, црни топки). Во првата просторија е поставена ликовна стилизација на позлатените хексагонални огледала на новиот вселенски телескоп „Џејмс Веб“, најмоќниот времеплов што според НАСА ќе може да погледне преку 13,5 милијарди години наназад и да ги види првите ѕвезди и галаксии формирани во раниот универзум. И за фигурите на „астронаутите“, претставени во исправена и седната позиција или во движење има објаснување во предговорот во каталогот (испечатен на два листа мал формат) во кој се изнесуваат прашања од техничка природа и од областа на науката што многу јасно зборува за карактерот и вредноста на изложбата). Сепак, тука треба да се зборува за проблематика поврзана со визуелната уметност и нејзиниот јазик, а не само(аматерски) за наука. Следи вакво објаснување: „Фигурите на астронаутите, изработени со 3Д-печатење и обоени со златна боја, како да ја најавуваат нашата нова онтологија на иднината“. Ваквите шематизирани фигурки се налик на играчки или макети на антропоиди (други решенија може да се видат на интернет).

Еве и опис на техниката: „За 3Д-печатените објекти се користи биоразградлив и биоактивен термопластичен материјал. Добиени од обновливи извори, како што се пченкарен скроб (во САД и Канада), маниока корени, компир или скроб (најчесто во Азија) или шеќерна трска (во остатокот на светот)“. Овие две реченици се испишани на пано во двојна улога на објаснување и како графички дел на визуелната поставка. Истата функција ја има текстот од областа на теориската физика од генијалниот (скоро починатиот) Стивен Хокинг кој гласи: „…црните дупки не се толку црни како што се претставени, тие не се вечни затвори како што некогаш биле замислувани. Работите можат да излезат од црна дупка, однатре, а можеби и кон друг универзум. Значи, ако мислиш дека си во црна дупка, не очајувај. Има излез“.

Амбиентот на изложбата не е воопшто космички според својата сугестија, како што може да се каже дека топките од трошен материјал даваат бледа асоцијација на планети; дали може да се повлече паралела со просторно распоредените топки, ранети на површината од Л. Фонтана или да се согласиме со мислењето дека „неолитските фигурини загадочно ги нарекувале топки-старци поставени крај огништето“? Сепак,на изложбата преовладува сугестијата на егзистенцијална непостојаност и несигурност, потврдена и со деветте слики во материјал изработени во темни и црни нијанси со „кристалчиња“ кои одразуваат светлина (материологијата во ликовната уметност континуирано се одвива од енформелот до актуелните струења).

Мултимедијалноста и употребата на разни материјали и не е толку нова појава, иако со нив се означува припадноста на современите ликовни струења. Барањето некаква лично обликувана идеја на поврзување меѓу текстот, сликата или скулптурата во простор е присутна и во македонските визуелни уметности. Исто така се остварени и некои форми на деконструкција, крајно наивно замислени со дела од Гоја и Дирер итн. Таквите релации, како и односот кон науката кај нас не ретко добиле недоволно артикулиран и наметлив (дури и арогантен) тон, барајќи потпора или концептуално збогатување на творбата. Само да се потсетиме дека Пикасо и Брак, како и Кандински, биле многу поскромни и попретпазливи кога нивното сликарство било директно поврзувано со науката. Кога ќе го прочитаме мислењето дека „изложбата на Велимир Жерновски е критика на монструозната логика на капиталот, алармира за неизвесноста на нашата иднина, за можноста неповратно да ја загубиме својата природна и симболична средина и да се сведеме на празна обвивка“ тогаш изгледа сосем бесмислено мислењето „Жерновски во исто време си ‘поигрува’ и со научната претпоставка на Стивен Хокинг дека ‘црните дупки не се така црни’“.

Од визуелен и концептуален аспект изложбата ја доживувам како промашување колку и да соодветствува на индиферентноста во доживувањето на луѓето. Доколку не се работи за сугестија или метафора на социјалниот амбиент или некаква нејасно артикулирана идеја за „ангажираност“ тоа е искажано на крајно неуверлив и немушт визуелен јазик. Ако ни падне на памет идејата за бегство од „црната дупка“ на егзистенцијата тогаш можеме само да се потсетиме на Кле и Бојс кои посакале со некакво летало да отпатуваат на некоја друга планета.