Византиски игри на Иванов и на Мицкоски
Ерол Ризаов
Ѓорге Иванов, претседателот на државата, и Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со партискиот врв ги отпочнаа своите активности за попречување на Република Македонија да стане членка на НАТО и на ЕУ. Со византиски игри и со преку ноќ осмислена кампања со сомнително нагласена ориентација кон Запад, ЕУ и Америка, но истовремено со тврд став да нема компромис со Грција и за непроменливост на уставното име, опозицијата и претседателот на државата најавуваат влез во опасна популистичка авантура. Тоа се прави на многу перфиден начин со манипулација на јавноста дека е можно членство во НАТО и во ЕУ со некакви трикови и лажни компромиси.
Претседателот Ѓорге Иванов јавно го прозива претседателот на Владата, Заев, да каже што се договорил во Давос, оти тој за тоа ништо не знаел. А, дознал дека има нешто загадочно во пораките на Коѕиас, министерот за надворешни работи на Грција. Навистина, многу деликатна и сомнителна ситуација кога претседателот на државата дознава од грчки министер дека имало нешто договорено меѓу премиерите Заев и Ципрас, а тој за тоа ништо не знае. Ашиќаре се работи за предавство на Македонија, штом за тоа не е информиран претседателот на државата. Така е тоа кога повеќе му се верува на Коѕиас, отколку на Заев.
Втората порака која индиректно е поврзана со претседателот на државата Ѓорге Иванов е бајата вест од пред три месеци која стана многу шокантна деновиве откако доби актуелност со преобјавување во ново руво. Имено, претседателот на државата веќе свршил работа Македонија да влезе во НАТО без да го промени уставното име. При неговата посета пред три месеци на Лондон во Долниот дом на лордови му било кажано од прва рака на нашиот претседател дека лордовите имаат ниет да се обратат до владата на Британија таа да се заземе Македонија да стане членка на НАТО без оглед дали ќе го смени името или не. Аууу, каков подвиг. Повторното емитување на оваа вест склопена за денешни потреби предизвика бура на македонските ранобудни тераписки телевизии и социјални мрежи. Британските лордови ќе прателе писмо на владата и на премиерот г-ѓа Меј да внимава на Македонија. Прифаќањето на ваква небулоза може да помине само кај луѓе кои навистина ништо не знаат не само за начинот на функционирање на британскиот Парламент, туку и за односите меѓу Велика Британија и Грција. Таква една будалаштина соопштена по три месеци од настанот треба да предизвика аларм во јавноста да не се брза и да не се направи никаков компромис со Грција бидејќи безмалку работата ја завршил претседателот Иванов во договор со лордовите од Долниот дом.
Христијан Мицкоски во Америка, како да се спуштил од Марс, игра на картата дека Американците се наивни и не знаат што во изминатите години се случувало во Македонија, па им ја продава на Шукаре басмата која ги пушта најубавите бои по подолго перење. ВМРО-ДПМНЕ да ти била прозападно ориентирана десничарска партија која во Америка гледа најголем пријател и стратегиски партнер. И, не само тоа, туку ВМРО-ДПМНЕ не гледа друга алтернатива за Македонија освен целосната свртеност кон Запад, а најважна стратегиска определба е влез во НАТО и во ЕУ. Човек да се крсти со две раце што би рекол знаменитот Ѓорге Марјановиќ. Се разбира, во вакви пригоди внимателните домаќини можеби не ги поставиле прашањата на кои добро ги знаат одговорите. Како тоа за цели 10 години партиските и провладини медиуми и новинари на ВМРО-ДПМНЕ водеа жестока антизападна и антиамериканска, анти НАТО пропаганда како најголеми виновници за сите наши несреќи.
Кој тоа во Македонија ги прогласи за странски платеници, за непријатели, за шпиони… сите јавни личности и новинари што беа за компромис и за заеднички прифатливо решение со Грција. На кого мислеше Никола Груевски кога јавно ги обвинуваше странските служби дека инсталирале прислушување на над 20.000 граѓани на Македонија и јавни личности, странски дипломати. Дали мислеше на Русија, или на Америка, или на Германија, или Италија… Чии советници и пропагандисти беа секојдневните аналитички опсервации против Америка и против НАТО на познати партиски перјаници. Кој го сатанизираше и навредуваше јавно американскиот и амбасадорите од земјите на ЕУ, кој го испоплука претставникот на ЕУ во Скопје, Фуере, и кој бараше негово протерување од Македонија.
Многу наивно е да се мисли дека со една изјава за западната ориентација и величење на стратегиското партнерство со Америка ВМРО-ДПМНЕ ќе се испере. Христијан Мицкоски новиот претседател, ако сакаше да постигне таков ефект мораше појасно и многу поотворено овде во земјата да се дистанцира од погрешната катастрофална политика на неговиот претходник. Вака повеќе заличува на него, отколку на проевропски и прозападно ориентиран политичар.
Мицкоски уште не вратен во земјата од Америка веќе неговиот близок соработник во новото началство, Александар Николовски, соопшти дека ВМРО-ДПМНЕ како опозиција нема да поддржи промена на уставното име, но дека останува на својата определба главните стратегиски цели на Македонија да бидат и натаму влез во НАТО и во ЕУ. Не кажа ништо, како и сите овие изминати 11 години, како тоа да се постигне без компромис. За тоа немаше одговор, но работата ја префрли на референдум, граѓаните да кажат дали се за промена на името, или за влез во НАТО и во ЕУ. И ова е дел од таа византиска, но истовремено и кукавичка игра. Ем сме за Запад ем сме за уставното име. Александар Николовски не ѝ кажа на јавноста дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ги повика своите симпатизери на референдум да гласаат „за“ ако прашањето биде, дали сте за влез во НАТО и во ЕУ со името, на пример, Република Македонија (Скопје), или Горна, Северна или Нова Македонија. Никој од раководството на ВМРО-ДПМНЕ никогаш не кажа на какви отстапки беа подготвени тие кога Никола Груевски ги водеше преговорите со Грција и што се случуваше во Букурешт 2008 година.
Опозицијата има право јасно и гласно да ги каже своите спротивставени ставови како што тоа го прават опозицијата и националистичките партии во Грција. Меѓутоа, перфидната игра во стилот ни таму ни ваму, ни машко ни женско, ептен е видлива и бедна доктрина. Демек, ако успее работата, сите сме подеднакво заслужни, а ако не, виновна е само власта. ВМРО-ДПМНЕ е најголемата парламентарна партија и ако така веќе се прокламира во странство и дома, и во Брисел, и во Вашингтон, и во Скопје, дека ја напушта антизападната и антиамериканска политика и дека Македонија нема друга алтернатива освен НАТО и ЕУ, тогаш мора да го сподели својот дел од одговорноста за иднината на земјата многу појасно. Криењето само зад референдум може да биде натамошна маргинализација на ВМРО-ДПМНЕ. Ако пред тоа не излезат со чист став, може да им се случи да нарачуваат тапани по свадба.
Што се однесува до претседателот на државата, иако никој не го зема за сериозно, сѐ уште може да направи големи штети, оти сега е прилично самостоен во правење лупинзи. Ја нема контролата за летање од ВМРО-ДПМНЕ, а против СДСМ чиј воспитаник е, сѐ уште е во беса за одмазда.