(Видео) Османи очекува чиста препорака за преговори со ЕУ
Валоризација на целиот досегашен труд и чиста препорака за почеток на преговори за полноправно членство, очекува вицепремиерот Бујар Османи од претстојниот Извештај на Европската комисија (ЕК).
Тој го соопшти ова преку својот фејсбук профил, во видео – обраќање на македонски јазик, под кое оди пишан превод на албански, нагласувајќи дека комуникацијата на двата јазика е лесно разбирлива и прифатлива. Османи укажува и на, според него, непотребната хистерија што се создава околу употребата на јазиците.
Тој нагласува дека Извештајот што ЕК ќе го објави на 17 април претставува и финале на Планот 3 – 6 – 9, со што завршува неговата имплементација, но и неговата реформска улога за враќање на државата на евроатлантскиот колосек.
– Иако Планот има задоволително ниво на имплементација и според моите сознанија од Брисел првичната цел за која беше наменет е веќе остварена, некои од клучните реформски закони сѐ уште чекаат консензус за нивно изгласување, истакнува Османи.
Тој апелира до сите политички фактори во државата на зрелост, одговорност и разум .
– Во наредните десетина дена да изградиме консензус и да ги усвоиме законите кои упатуваат на државен консензус и со тоа да ставиме точка на евроатлантската иднина на земјата. Ја сум убеден дека е тоа желба на нашите граѓани, нашите гласачи, независно од која партија доаѓаат. Со тоа станува и наша обврска, потенцира вицепремиерот.
Во обраќањето, Османи рече и дека со нетрпение ја очекува примената на новиот Закон за употреба на јазиците, не само поради фактот што се работи за очигледна придобивка на Албанците, туку и поради тоа што со Законот, како што истакна, ќе се демантираат сите закани и заплашувања кои се појавија изминатиот период