(ВИДЕО) Над Медитеранот се создава најсилниот циклон досега, в сабота ќе зафати делови од Балканот


Над Јонското Море се развива циклон кој до сабота би можел да се претвори во најсилниот забележан во Медитеранот досега и може да достигна до втора категорија.

Голема е веројатноста во текот на вечерните часови, јужниот дел на Јонско Море да биде зафатен од медитерански циклон, кој потоа ќе се придвижи кон полуостровот Пелопонез и островот Крит, но и кон други делови на Грција, според последните податоци од метеоролошката служба на Националната опсерваторија во Атина.

Медитеранскиот циклон е редок феномен и се појавува еднаш до два пати годишно, а е проследен со силен ветер и силен дожд.

Паралелно и во исчекување на циклонот, Грција веќе е зафатена од бурата Ксенофон, а прогнозите се дека невремето ќе продолжи и во следните денови, веројатно до недела.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, од Секретаријатот за цивилна заштита на Грција ги информираат граѓаните какви мерки да преземат и како да се заштитат од временските непогоди, од силниот ветер, обилните врнежи од дожд и невремето.

Лошите временски услови беа причина периферијата Атика (поширокиот регион на Атина) да донесе одлука сите училишта утре да бидат затворени, додека пак и денес поради силниот ветер кој достигнува и до 10 Бофор, има забрана за пловидба на голем дел од пристаништата низ цела Грција.

Противпожарната служба на Грција соопшти дека од вчера, од шест часот наутро, до 14 часот и 30 минути денесла, поради силниот ветер во областа Атика добила 520 повици за сечење дрва и отстранување на разни предмети, а на терен работат 40 тимови со 80 пожарникари.