Бред Пит во хит на сезоната: Згоден, а мек на допир како кадифе
Актерот Бред Пит (54), секогаш на листите на најубави мажи во Холивуд, се појави во елегантно издание на гала вечерата организирана од луксузната компанија за часовници „Брајтлинг“, како заштитно лице.
Дотеран во стилот на Џејмс Бонд за настанот кој се случуваше во Пекинг, носеше кадифено смокинг сако во комбинација со бела кошула, црни панталони и пеперутка-вратоврска.
И неговата екссопруга Анџели Џоли освојуваше на црвените килими со едноставните, сексапилни, црни кадифени долги тоалети за кој цел свет зборуваше.
Кадифето е кралски материјал, резервиран само за свечени прилики, иако новите трендови претпочитаат мешање на дневни и вечерни комбинации и кршење на модните правила.
Кадифеното сако, со перфектно порабена јака од сатен е полн погодок, и никогаш нема да згрешите ако го облечете на приеми, коктели, промоции, предновогодишни и новогодишни забави.
Кадифето е мазно на допир, ама носи силна порака. Особено на црвениот килим. Избира дами и господа, зрачи со оригинал, не се носи секој ден ниту пак лесно се одржува.
Бара внимание, познавање, стил, иако ова време се усоврши на кич, на фалсификати и на неоригиналност.
Секој секого копира, не се бара квалитет туку квантитет, никој не сака да мисли со своја глава ниту сам да избира кога има стилисти и лични бајери. Плати и уживај.
„Луј Витон“ е најкопиран бренд во светот. Има свои поклоници и во Скопје. За жал, никој не знае кој шета оригинал, а кој фалсификат. Може да погодуваме по паричникот.А и што е важно, ако никој не примети. На крај, во Витон ужива само тој што го носи, а не тие околу него.
Дами, проверете во орманот на мајките дали виси кадифен фустан или комплет. Од она време, а не од ова, со ликра. Јас си го пронајдов. Виолетов и мек на допир. Нема цена, а има историја. Модата, колку и да е револуционерна, се враќа на корените.
Да живее ретрото!
Л. Сабит