Бејли прави беља


Ерол Ризаов

Американскиот амбасадор Џес Бејли пак ни направи една голема беља. Што му требаше да зборува пред студенти за корупција давајќи конкретни примери. Ни отвори ептен работа. Можеше 45 минути да ги дави идните полицајци и началници како нашите мудри и учени професори со теории за штетноста на митото и корупцијата, додека не задремат од здодевност подготвувајќи се така за соочување со реалноста кога ќе почнат со работа. Бејли постави едно многу деликатно прашање: членовите на Државната изборна комисија кога си доделиле бонуси со по неколку плати за својата дополнителна работа за изборите, дури ако е тоа легално и законски, дали не се доведува во прашање борбата против корупцијата штом одлуките се зад затворени врати. Се разбира, кога нешто прашува Бејли, па макар и пред студенти, следува медиумска експлозија, извонредна ексклузива за ударните вести и први страници. Веднаш излегоа надополнувања на пропуштените новинарски истраги, соопштенија на ДИК со покајувачка интонација, ветувања дека ќе се вратат парите. Што да ви кажам, милина една од реакции и конструктивна критика.
Сакам да го замолам Џес Бејли деновиве да одржи едно предавање на Медицинскиот факултет пред идните лекари и фармацевти на тема: трговијата со смрт во Македонија. Како се увезуваат кај нас фалсификувани лекови и кој ги труе граѓаните и децата со опасни медикаменти дојдени во земјата со паралелен увоз без контрола. Јавните настапи на директорот на Фондот за здравство, Ден Дончев, од кои се крева косата на глава, хорор-истрагите на новинарите за фалсификувани лекови, не ги вознемирија премногу нашите дилери на сомнителни лекови, како што се вознемирија членовите на ДИК. Се работи за професионалци кои земаат стотици милиони евра годишно од државната каса без око да им трепне, а не за евтини аматери кои скубнале влакно од буџетот, од неколку илјади евра по глава на човек од ДИК.
Изгледа од трговијата со здравјето се вознемирија само пациентите и нивните најблиски. „Здравите“ си молчат. Не знам дали надлежните институции, од Владата до полицијата и обвинителствата нешто преземаат, но очигледно вознемиреноста е поголема кој ќе биде министер за здравство, отколку кој ги труе граѓаните и ќе дипли милијарди денари нивни пари. Кај трговците со лекови велат лобирањето за министер за здравство е дојдено до точка на вриење. Ако овие работи ги каже амбасадорот Бејли, ќе почне да се тркала медиумската лавина, а богами ќе се вознемират и некои надлежни институции и ќе се позанимаваат со една од најголемите и веројатно најцрната корупција и криминал во земјата со години по ред. Државата троши стотици милиони евра годишно за увоз на лекови, а директорот на Фондот, Дончев, вели има големи нејасности за што се трошат парите и каков е квалитетот на лековите. Страшно. Директорот на Агенцијата за лекови, Роберт Бекироски, вели: во декември 2016 година откриени се 28 сомнителни оригинални пакувања со лек за деца. Откриени се сомнителните пакувања, ама не е откриено и разоткриено кој го направил тоа и какви се последиците.
Порано во македонското новинарство, како и во сиот нормален свет, имаше едно непишано правило. Штом еден медиум објавеше ексклузивна информација, сите други се налепуваа на тоа и водеа сопствена истрага, со што се создаваше неопходниот амбиент да се постигне целта. Не пречеше ни тоа некои медиуми да откријат дека веста е напумпана, или не е докрај точна. Сето тоа само ја зацврстуваше превентивната улога на медиумите во јавноста, особено во случаи опасни по здравјето на луѓето. Последниве години, за жал, медиумите не покажуваат таков интерес за доистражување на покренатите теми. Што мислите, каков ефект ќе имаше информацијата за поделените плати во ДИК ако ја објавеше изворно кој било медиум во Македонија, а не амбасадорот Бејли . Тврдам, никаков. Малку дрн, дрн… јариња на социјалните мрежи, неколку коментари, пофалби и пцости, малку лаење и толку… карванот си врви. Или, во најдобар случај, ќе се кренеше прав колку за шокантните истраги на колегите од „Фокус“ за трговијата со смрт на македонските паралелни увозници на лекови.
Господине Бејли, ајде одржете уште некое предавање по македонските факултети, белки ќе ни тргне работата.