Белен: Билатералните прашања не треба да се внесуваат во ЕУ


Австрискиот претседател Александар ван дер Белен денеска изјави дека европската перспектива на Западен Балкан е важен приоритет на надворешната политика на неговата земја, особено за време на актуелното претседавање со ЕУ, и дека не очекува дека би можело да дојде до проблеми кога во австрискиот парламент ќе се гласа за приемот на Србија во Унијата.

– Сепак, јасно е дека се уште има многу работа што треба да ја направат нашите пријатели од регионот, но исто така и ЕУ има својот дел од работата. Во моментов, имаме позитивен момент, особено имајќи го предвид решавањето на спорот околу името на Македонија. Треба да го искористиме тој момент и да сториме што е можно повеќе пред да дојде до промена, рече тој на прес-конференцијата по повод одржувањето на Европскиот форум во Алпбах, на кој присуствуваше српскиот претседател Александар Вучиќ.

Тој рече дека има краток временски период, бидејќи има избори за Европскиот парламент.

Ван дер Белен истакна дека сите се согласуваат оти билатералните прашања не треба да се внесуваат во ЕУ, и дека сите отворени прашања треба да се решат билатерално, пред членството.

Запрашан дали очекува, кога ќе дојде моментот на проширувањето, спротивставување на граѓаните во Австрија, Ван дер Белен потсети дека во австрискиот парламент, кога беше во прашање Хрватска, беше донесена едногласна одлука за прием на земјата во ЕУ.

– Да ја земеме Србија како пример, дури и Партијата на слободата на Австрија (ФПО) има позитивен став кон нејзиното членство во ЕУ. Најголемата српска заедница живее во Виена, па не гледам зошто некој би имал предрасуди во врска со приемот на Србија во ЕУ. Јас сум многу оптимист дека нема да имаме проблем во австрискиот парламент со прифаќањето на проширување на ЕУ, рече тој.