(Без) жал за „Александар Велики“


Александра М. Митевска

Со одлуката за преименување на скопскиот аеродром и на новиот автопат кон Грција, македонската Влада ги направи првите поконкретни чекори за фаќање на, веројатно, последниот воз за пробив на земјава на шините што водат кон Брисел.
Потегот што го повлече кабинетот на Зоран Заев е всушност обратнопропорционален на еден од првите потези што ги направи претходната владејачка постава, набрзо по смената на власта во 2006 година, кога му даде звучно име „Александар Велики“ на скромниот објект кај Петровец, кој и тогаш се викаше „Аеродром Скопје“. Тоа беше всушност пресвртниот момент за заладување на односите со јужниот сосед и за дополнително компликување на спорот, кој потоа се испречи како главна барикада за интеграциските процеси на земјава, пред да почнат да се влошуваат и другите критериуми.
Промената на името на аеродромот, зад превезот на наводната голема грижа за зачувување на уставното име на државата и на идентитетот на нацијата, всушност, претставуваше увертира во т.н. политика на антиквизација што офанзивно ја спроведуваше претходната гарнитура на власт, заразувајќи го со тоа целото македонско „патриотско ткиво“. Додека нацијата живееше во ерата на митологизација на античкиот воин, во чија чест се подигаа и споменици и се именуваа и други објекти, некогаш големите идеали за европеизација на државата беа потиснувани во втор план.
За разлика од тоа колку беше гласна и агресивна кампањата за воспевање на античкото минато на овие простори, која се спроведуваше речиси една деценија, најновата крупна одлука на актуелната влада беше брзопотезна и главно беше дочекана тивко и без поголеми бранувања во јавноста. Како никој да не се потресе премногу што аеродромот, кој во меѓувреме доби многу полуксузен изглед, преку ноќ го изгуби епитетот на „величина“ што стоеше во неговото име. Како што и никој не се возбуди претерано поради тоа што трасата што води кон Егејското Море остана без презимето „Македонски“, добивајќи симболичен назив „Пријателство“.

Одлуките и тезите што ги соопшти прексиноќа премиерот Зоран Заев, вклучително со објавата дека за него е прифатлива географска одредница – што и да значи тоа, на прв поглед, изгледаат можеби хазардерски и деликатни, со оглед на чувствителноста на голем дел од Македонците кога станува збор за славното минато и за „имињата“. Но, кабинетот на Заев, во секој случај, повлече храбар потег. Тој е всушност во насока на тоа историјата, особено онаа мошне далечната, да се остави таму каде што припаѓа и државата да се сврти кон сегашноста и сивата реалност. Но и да се обиде да ја поправи својата иднина.

Времето ќе покаже дали Заев го направил вистинскиот чекор со отстапките што, практично, ги направи во корист на другата страна во преговорите за името кои, пак, очигледно се интензивираа до максимум во последните месеци. Времето ќе покаже и колку вредела таа „жртва“ и како тоа ќе го ценат официјална Атина и меѓународната заедница.

Сепак, треба да се вреднува решеноста на премиерот за отстапки и за влечење отсечни потези. Ако не поради друго, барем затоа што тој со тоа свесно го става на коцка личниот и рејтингот на целата владејачка постава што ја предводи – веројатно свесен дека е тоа влог во надминувањето на спорот кој ги обременува евроатлантските перспективи на државата. Бидејќи ако и овојпат се пропушти шансата за добивање датум за преговори за членство во ЕУ и покана за влез во НАТО, кој знае дали некогаш воопшто ќе се укаже следна таква шанса. Нели за таа цел е и севкупниот реформски залет што се презема моментно.

По речиси децениски застој, па и назадување, во остварувањето на македонските стратегиски цели, „летот“ во тој правец очигледно почнува одново од таму каде што и застана – од пистите на скопскиот аеродром. Притоа, гледајќи политички и дипломатски, наместо во километража, Брисел е сѐ уште мошне далечна дестинација за нашата земја. Македонскиот државно-политички врв ќе треба да влезе уште во многу дипломатски битки пред навистина да почне да се наѕира финалната линија на долгогодишниот спор со Грција, за потоа да се дојде до стартната позиција за полноправно членство во НАТО и во Унијата.