Ахмети заборава дека не е веќе партнер на ВМРО-ДПМНЕ


Александра М. Митевска

Познатата метафора дека старата љубов е како подгреана сарма, односно сѐ уште се јаде – ама не е вкусна како некогаш, се отсликува деновиве во политичката реалност на земјата, како резултат на првите отворени несогласувања меѓу старо-новите патнери во владејачката коалиција.

Законот за  употреба на јазиците, кој пред нешто повеќе од една година беше еден од главните мотиви за обновување на партнерството на ДУИ со СДСМ, со што Али Ахмети, практично, го затвори поглавјето на безмалку децениско сојузништво со Никола Груевски, сега станува камен на сопнување меѓу двете владејачки партии. И што е најапсурдно, проблемот меѓу нив е инициран од „трета страна“, а не од некакви си разногласија околу содржината на регулативата и потребата од нејзино донесување.

Двете владејачки партии, всушност, сложно го обележаа со европско знаменце Законот за јазици и синхронизирано го изгласаа во јануари годинава. „Идилата“,  сосема очекувано, ја расипаа ветото на претседателот Ѓорге Иванов, а потоа и рекордните 36 илјади амандмани што ВМРО-ДПМНЕ ги истовари во парламентот – практично директно од улица, ако се има предвид неколкумесечниот опозициски бојкот на законодавниот дом.

Колку и сега да се бунат спикерот Талат Џафери и интегративците дека социјалдемократите не се расположени да прифатат целосно прескокнување на амандманската расправа, вистината е дека ДУИ има проблем со ВМРО-ДПМНЕ, а не со социјалдемократите. Опозицијата сега ја блокира регулативата што, всушност, едно време заеднички ја подготвуваа со ДУИ, ама не стигнаа да ја донесат, така што таа „отстапка“, практично, му остана во наследство на СДСМ како нова водечка партија на власт.

По сличен принцип, ВМРО-ДПМНЕ, на чело со Груевски, во првата половина на минатата година, користејќи ги сите деловнички можности и празнини, половина година го блокираше изборот на новиот собраниски спикер, а со тоа индиректно и изборот на новата влада, пролонгирајќи ја со тоа и политичката криза во земјата. Сега ВМРО-ДПМНЕ, на чело со Христијан Мицкоски, повторно го парализира парламентот со  амандманите на Законот за јазици,одложувајќи ја со тоа и имплементацијата на реформските процеси. И овој застој, според проценките, може да потрае шест месеци, што не е добра препорака за земјата, ако се има предвид дека јуни и јули се сметаат за клучни месеци за интеграциските процеси.

Од тој аспект, може да се има разбирање за амбицијата на спикерот Џафери да го одврзе амандманскиот јазол поради кој со недели е празна пленарната собраниска сала. Сепак, недозволиво е тоа да го прави со прекршување на деловничките правила и собраниските процедури и со обиди во тој „филм“ да ги вовлече и коалициските партнери, кои, од друга страна, се обидуваат да обезбедат вмровска поддршка за реформскиот пакет.

Пологично е ДУИ да му се лути на СДСМ за тоа што, иако е трета по бројност партија во парламентот и втора по значење во владејачката коалиција, не е вклучена во работните групи со опозицијата, отколу за тоа што нејзините партнери не се согласуваат сите амандмани на ВМРО-ДПМНЕ да завршат во „контејнер“. Ако  социјалдемократите беа подготвени на политички отстапки кон коалициските партнери за подготвување на Законот за јазици, и покрај сите протести што тој ги предизвика, сега не значи дека треба да дозволат и законски отстапки во однос на неговото донесување или потврдување. Евентуална таква отстапка, всушност, би значела ветар во грбот на опозицијата, која и без тоа тврди дека нема демократски амбиент за нејзино враќање во законодавниот дом.

На крајот на краиштата, ако ДУИ е толку заинтересирана за деблокада на процесите во државата, може времено да стави мораториум на Законот за јазици и да го одложи неговото донесување за некои подобри времиња. Ако успејаа да преживеат без таков закон цела една деценија, можат уште малку да почекаат.

Интегративците не смеат да заборават дека не се веќе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и дека не смеат повторно да бидат соучесници во прекршување на процедурите и на заобиколување на опозицијата. Затоа што во македонскиот парламент не смеат веќе да се дозволат ситуации како на 24 декември 2012 или на 27 април 2017 година.