Апсења од ведро небо


Слободанка Јовановска

На власта ѝ се активираше алармот „разбуди се“. Неделава, кога сите министри буквално се одмораат, пресметките со злоупотребите и со криминалот не престануваат. Откако необјасниво долго не се преземаше ништо, за три дена најавена е смена на директорот на Бирото за јавна безбедност, покрената е постапка против ексградоначалниците Стевчо Јакимовски и Ивица Коневски, приведени се и вработени во Општина Карпош што учествувале во злоупотребите, одземено им е обезбедувањето на бившите функционери на ВМРО-ДПМНЕ, па и уапсени се борци на ИСИС, иако заслугата баш не е на македонска страна. Се активираа и МВР, и СЈО, и ОЈО, и финансиската полиција, а ДИК порача дека на референдумот во септември нема да си дели бонуси. Преку ноќ Македонија стана друга држава, а причина е веројатно анкетата за рејтингот на СДСМ и уште повеќе штетата што ја направија грантовите за иновација на вицепремиерот Кочо Анѓушев и на Цветанка Ласкова.
Иако јавноста ваквиот спектакуларен пристап во пресметката со злоупотребите го оцени како веќе видено однесување, т.е. демонстрирање на „ВМРО на најјако“, поради присуството на ТВ-камерите и моментот кога се отворија случаите, т.е. тогаш кога претставници на власта се инволвирани во афери, многумина во овој развој на настаните, колку и да трае, видоа појас за спасување на референдумот за договорот за името.
„Не сме сите исти, има отчетност и одговорност“, напиша вчера со исчистен образ член на СДСМ. До кога и за кого, сè уште е актуелно прашање.
Она што остана нејасно е кој и зошто го штитеше неколку дена директорот на Бирото за јавна безбедност, но и тоа – кој го намести? Дали освен на своето корупциско однесување без осет за злоупотребата на државните ресурси, како да му се приватни, неговата најавена смена е епилог и на внатрешни политички пресметки?
Останува и нејасно зошто толку долго останаа привилегиите на Сашо Мијалков, Никола Тодоров, Владимир Пешевски и други ексфункционери со судски обвиненија ако веќе било толку лесно да им се одземат – со една одлука на МВР.
Останува нејасно и зошто во исто време и во политички потребен момент се отвораат случаите со Стевчо Јакимовски и Ивица Коневски, иако штетата од нивното работење беше видлива одамна, а имаше и ревизорски извештаи. Нејасно е всушност зошто тие случаи не се отворија претходно, туку сега кога на власта ѝ треба одвраќање на вниманието од скандалите во нејзините редови, при што повторно впечатокот е дека и оваа антикорупциска офанзива е нарачана со владино „свирче“.
Нејасно е на крајот и зошто не паѓаат тие од власта што се инволвирани во скандали со покрупни пари, а паднаа само фатените на луксузирања по странство и одење на годишен одмор со државен телохранител и со службен автомобил.
Како и да е, ако ова е најава за нула толеранција за злоупотребите, тоа е голем чекор за Македонија. Исто така, ако е победа на тие во СДСМ што сакаат чисти раце во однос на тие што сакаат да се однесуваат по инерција, сфаќајќи ја власта како шанса за злоупотреби и привилегии. Јавноста во секој случај со огромно внимание ја следи владата токму околу ова прашање, а судејќи по реакциите, тоа ќе биде и клучното дали ќе и верува околу намерите да ја направи европска Македонија, бидејќи џабе ни е успешен референдум, членство во НАТО и преговори со ЕУ ако дома никој не прави ништо со корупцијата, бидејќи штетите од неа не може да ги поправи ни буџетот на Швајцарија.
Ако целта беше, пак, само медиумско внимание, не можеа да најдат подобра личност за апсење од Стевчо Јакимовски. Реакциите на социјалните мрежи тоа го покажаа најдобро. „Гром од ведро небо“, „Сите градоначалници имаат станови во секоја зграда, само Стевчо има во секој влез“, „Му влегле во еден од 35-те стана“ и слично. Поентата е дека граѓаните имаат изострено око за корупцијата, но проблемот е во државата што е бавна или не реагира.