Анѓушев: Доколку нема јаглен во РЕК Битола се загрозува енергетскиот сектор во Македонија


Компанијата Пелистер е ангажирана да врши ископ на јаглен во РЕК Битола по откажувањето на Трансмет заради неисполнувањето на обврските за да се премости периодот до распишување на нов тендер со кој треба во транспарентна постапка да се избере изведувач, оцени денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и додаде дека тендерот е веќе распишан.

Тој појасни дека доколку нема јаглен во РЕК Битола се загрозува целокупниот енергетски сектор во Мкедонија и затоа, како што кажа, мораше да се преземе нешто брзо за да не се доведе во ситуација термоелектраната да нема јаглен за работење.

– Согласно Законот за јавни набавки се направи скратена постапка за набавка на која учествуваа повеќе компании и ја доби Пелистер по повискоа цена од 44 денари по гига џул, но по многу пониска цена од 144 денари по гига џул што претходно биле плаќани, рече Анѓушев, одговарајќи на прашање на прес-конференцијата во Владата.

На претходната тендерска постапка, посочи, компанијата Трансмет понуди најниска цена и го доби тендерот, но за жал не покажа капацитет дека може да ја исполни работата.

– Тие сами се откажаа од продолжување на работата во РЕК Битола, бидејќи не ги испорачаа количините на јаглен што требаше да бидат испорачани согласно договорот, а за тоа РЕК Битола ќе ја наплати банкарската гаранција која ја имаа оставено за добро извршување, потенцира Анѓушев.