Антинационализмот и новата политичка криза


Здравко Савевски

Нè фатија на препад. Фокусираноста врз националните прашања од страна на власта на СДСМ и ДУИ и стремежот за нивно итно решавање дојде како изненадување за сите, или речиси за сите. Од новата власт се очекуваше енергично да се посвети на решавањето на економските проблеми и да ги врати демократијата и владеењето на правото. Наместо тоа, таа целата енергија ја вложи на „решавање“ на националните прашања, а околу сето останато разликите во однос на владеењето на Груевски – едноставно ги нема. При тоа, толку трапаво, како слон во просторија со порцелан, пристапуваат кон прашањата на името и јазикот што креираа нова политичка криза. Со доаѓањето на власт на СДСМ, многу граѓани очекуваа, ако не нешто друго, барем да здивнат, да не мора катадневно да се занимаваат со политика, да бидат оставени на раат да го живеат животот. Но, не! И тој „луксуз“ власта не сака да им го дозволи на своите граѓани!

Во пристапот кон националните прашања се препознава „стариот, добар“ пропаганден трик на властодршците, преку овие прашања да им го одвлечат вниманието на граѓаните од реалните проблеми со кои тие се соочуваат, а кои властодршците, посветени на извлекувањето лична корист од владеењето и на слугувањето на интересите на олигархијата, едноставно не сакаат да ги решат. Се гледа и намерата повторно да се креира таканаречената „контролирана нестабилност“, омилената состојба на меѓуетничките односи на тандемот ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кои ним им овозможуваше најголем манипулирачки потенцијал. Кога оваа влада дојде на власт, меѓуетничките односи беа најдобри во последните неколку години, а етничкиот идентитет не беше толку силно изразен. Очигледно тоа не му беше по волја на тандемот СДСМ-ДУИ и очигледно за нив полагодна стратегија на владеење е принципот „раздели па владеј“, каде и Македонците и Албанците ќе се сметаат за обесправени и меѓусебно ќе се обвинуваат и ќе се гледаат како непријатели.

Сепак, ако суштината на практикувањето на власта на СДСМ-ДУИ е иста како на ВМРО-ДПМНЕ-ДУИ, на прв поглед се чини дека има разлика. Нели, ВМРО-ДПМНЕ не попушташе околу националните прашања, а СДСМ има отворен однос. Фактите не го кажуваат тоа. Во 2008 година ВМРО-ДПМНЕ  се согласи на закон за поголема употреба на албанскиот јазик и беше подготвен на компромис околу името на државата за да се задоволи фиксацијата со влезот во НАТО. Значи, која е разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во овој поглед? Во тоа што СДСМ е подготвен да оди „подалеку“? Не мислам дека разликата е суштинска. И едните и другите го правеа она што во моментот беше потребно да се биде на власт. И додека тие уживаат во власта, со нивните скапи ручеци и вечери, нам ни го препуштија справувањето со проблемот на растечки национализам. Тие креираат проблеми, други треба да ги решаваат. Зарем не е пријатно да се биде на власт во Македонија?

Справувањето со националните прашања никогаш не е едноставна работа. Оттука, важното прашање што се наметнува е каков треба да биде правилниот однос кон начинот на „решавање“ на националните прашања наметнат од сегашната власт. Еден од приодите е да се занемарат сите останати аспекти и да се тргне во фронтален напад против национализмот. Без разлика на мотивите на моменталните властодршци, нивото на национализам во Македонија е доста високо и затоа борбата против национализмот добива приоритет пред сè останато. Секоја друга позиција која не стои на позициите на фронтален и категорички напад врз национализмот се сомничи за прикриен национализам, а самиот напад врз национализмот често се врши од анационални, а не од антинационалистички позиции. Односно, се обезвреднува и самата етничка идентификација, а не само креирањето на националистички светоглед на темелите на одредена етничка идентификација.

Ваквиот приод, иако може да се чини како единствениот принципиелен приод, страда од неколку клучни слабости. Прво, можноста од негова инструментализација од страна на власта е огромна. При застанување на овие позиции, антинационалистот во корист на власта ја води битката против „простата маса“ што не сфаќа дека нацијата е социјален конструкт. Второ, на ваков начин антинационалистот ја губи секоја можност за влијание врз ставовите на пошироката јавност. При толкава социјализација и пропаганда која го зајакнува етничкиот идентитет едноставно никој, дури и најдобриот и најпаметниот, не може преку ноќ да сфати и прифати дека нацијата е социјален конструкт. Затоа треба едукација и објаснување, а не исмевање и критика на „простата маса“ која не ја сфаќа природата на нациите. Трето, придружните аспекти при конкретниот случај на „решавање“ на националните прашања се толку важни што не смеат да се игнорираат. Секому му е јасно дека тоа што СДСМ  го прифати Законот за јазици не е мотивирано од антинационализам, туку од желба да се биде на власт. Треба да се игнорира фактот што некој прави сè за да биде на власт? Што зборува тоа за неговиот однос кон владеењето? Понатаму, се прибегна кон кршење на уставните норми. Од страна на партија од која се очекуваше дека ќе го врати владеењето на правото. Тоа очигледно им е неважно на новите властодршци, но дали треба да му биде неважно и на антинационалистот? Брзањето по секоја цена спорот околу името да се „затвори“ пред следниот самит на НАТО ја покажува и колонијалната сервилност на властодршците и давањето приоритет на приклучувањето кон овој воен сојуз пред многу други прашања. Треба антинационализмот целосно да ги занемари антимилитаризмот и антиимперијализмот? Што останува од антинационализмот ако вака се постапи?

Вториот антинационалистички одговор на конкретниот начин на „решавање“ на националните прашања од сегашната власт ги зема предвид претходно наведените аспекти и зазема „понијансирана“ позиција. Но, и таа понијансирана позиција не е имуна на инструментализација, овој пат од националистите. Не се работи за тоа дека секоја критика на власта може да се искористи од идеолошкиот противник кој е исто така против одредена власт. Секогаш го има тоа. Станува збор за опасноста од зајакнување на идеолошкиот дискурс на националистите ако при критиката на конкретниот начин на „решавање“ на националните прашања почне да се придонесува за зајакнување на етничкиот идентитет на сметка на останатите идентитети на човекот, како и во случај да се репродуцира националистичката линија на поделба и раздор на народот, врз разлика на етничката припадност. Во тој случај, само вербално се стои на антинационалистички позиции, а фактички се јава на бранот на национализам. Ако нема спротивставување на дополнителниот раздор што се внесува во народот преку негово делење по етничка линија, ако критиката се аргументира преку призмата на сопствената етничка припадност, тогаш малку што останува од антинационализмот. А народот се предава во рацете на националистите, во чија корист оди зајакнувањето на поделбата на „ние“ и „тие“ во смисла на етничката припадност, односно „ние“, Македонците, наспроти „тие“, Албанците.

Како што може да се забележи, и двата антинационалистички приоди имаат свои предности и слабости. Она што не треба да се заборави, кој и да е антинационалистичкиот приод кој се применува, е дека и двата приоди се ранливи на злоупотреби и дека особено внимание треба да се посвети против можната злоупотреба на заземените ставови. А најмногу што треба да се има предвид е да не се заборави дека секоја власт ги користи националните прашања за одвлекување на вниманието на обичниот човек од егзистенцијалните прашања со кои тој се соочува. И дека не треба и самиот антинационалист да стане жртва на таа манипулација, туку треба да придонесува за враќање на фокусот врз социјалните прашања исто како што власта сака да го оттргне вниманието од овие прашања. Додека нашата трпеза станува сè посиромашна, тие кралски се најадуваат и прејадуваат. Треба тоа нешто да ни кажува.

(Авторот е политиколог и член на Левица)