Антикорупционерите може да ги смени само судска одлука


Собранието не може да ги разреши членовите на Државната комисија за спречување корупција бидејќи не постои законска основа за такво нешто.

Ова го тврдат поранешните антикорупционери по иницијативата на пратеничката група на СДСМ, а поради откривањето на скандалот со повеќекратна исплата на патни трошоци за доаѓање на седници, па и на две различни места во исто време. Случајот е во рацете на Основното јавно обвинителство, кое оформи предмет по допрен глас за трошење буџетски средства од страна на членовите на Комисијата и, како што соопштија оттаму, се преземаат дејствија за утврдување на фактите, се прибираат податоците од Управата за јавни приходи, како и од други релевантни институции.

Ексфункционерите со внимание ги следат случувањата во сегашниот состав на Комисијата. Велат дека во нивно време немало злоупотреби со државните пари како што е случајот сега.

Пред сѐ затоа што ние не бевме вработени во Комисијата, туку таму работевме хонорарно, а имавме професионален ангажман на други места. Во Комисијата доаѓавме само на седници. Но, немаше исплата на патни трошоци доколку некој, на пример, дојде од Битола. Ова сега што се случува е срамно за институција која треба да се бори против корупцијата и злоупотребата на пари на граѓаните“, посочува поранешен член на Антикорупциската комисија.

Според него, не е јасно како Собранието мисли да ги разреши членовите на Комисијата кога тоа не им е во надлежност.

Одат по логика дека членовите на Антикорупциска се назначени од Собранието, па веројатно сметаат оти можат и да ги разрешат. Сепак, Законот за спречување корупција е дециден. Членовите на Комисијата можат да бидат сменети по три основи: доколку самите дадат оставка, доколку против нив има правосилна судска пресуда и доколку се неспособни за работа, значи во случај на смрт или болест. Можеби подготвуваат измени во законот“, објаснува поранешен член на ДКСК.

Директорот на Антикорупциската комисија, Игор Тантуровски, ниту вчера не се јавуваше на мобилниот телефон. Пред неколку дена рече дека не планира да си поднесе оставка со образложение дека тој и неговите соработници работат чесно, а против нив се водел заговор.

Потпретседателката на СДСМ, Фросина Ременски, оцени дека ревизијата на работењето на ДКСК укажува на непочитување и злоупотреба на законските одредби и на незаконско и несовесно трошење на парите на граѓаните, токму од страна на Комисијата која треба да се грижи за спречување злоупотреби на правата и обврските на институциите и на сите избрани функционери во државата. Таа рече дека членовите на Антикорупциска веќе немаат професионален и етички кредибилитет да ја вршат оваа функција ниту еден ден повеќе.

Од тие причини, доколку членовите на Антикорупциската комисија веднаш не поднесат итна и неотповиклива оставка, во Собранието , како орган кој е надлежен за изборот на членовите на ова тело, ќе покренеме постапка за нивно разрешување. Нема да има толеранција за коруптивно и расипничко однесување на ниту една институција и на ниту еден функционер во Македонија“, порача Ременски.

Собранието сѐ уште не го добило извештајот на Управата за јавни приходи, по што се очекува седница на Комисијата за избори и именувања.

Ревизијата направена од Управата за јавни приходи (УЈП) за регуларноста на платите и други надоместоци во Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) за 2016 година констатирала дека на членовите на Антикорупциската комисија им се исплаќале патни трошоци затоа што доаѓале на седници, а исплата се вршела врз основа на неверодостојни патни налози.

Некои од членовите воопшто не доаѓале на работа, туку доаѓале само кога имало комисиски седници. Поднесувале три патни налози за ист ден, односно дека член на комисијата истиот ден бил во странство и на седница на комисија, се наведува во извештајот.

Горан Адамовски