Андов: Во 1991 не бевме држава, затоа немаше странски политичари


Американскиот сенатор Рон Џонсон, кој деновиве е во посета на Македонија, им порача на македонскиот граѓани да излезат и да го искористат правото за гласање на референдумот за името. Со тоа, смета гостинот на САД, ќе се стави до знаење дека ја поддржуваме својата нација и патот кон евроатлантските интеграции.

Мошне е важно за Македонија и Грција да имаат решен спор за името. Двете земји имаат двајца храбри лидери, премиери кои вложија голем напор за да го решат овој спор. Тоа е единствениот начин на кој Македонија може да влезе во НАТО. Спорот траеше 27 години, преговорите беа тешки, премиерите работеа заедно со американската влада“, рече Џонсон по средбата со премиерот Зоран Заев.

Сенаторот, кој е поддржувач на Резолуцијата на Сенатот на САД за поддршка на Договорот од Преспа, посочи дека при посетата во Грција увидел дека и таму има големо спротивставување кон спогодбата, а во контекст на ставовите на претседателот Ѓорѓе Иванов и опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Џонсон е републикански сенатор, важи за еден од високорангираните соработници на американскиот претседател Доналд Трамп, кој е задолжен за специјални мисии. Воедно, тој е и претседавач со Поткомитетот за европска и регионална безбедносна соработка. Во своите јавни настапи се залага за поголем ангажман на Вашингтон на Балканот и за интеграција на земјите од регионот во ЕУ и НАТО.

Американскиот политичар дојде само еден ден по посетата на германската канцеларка Ангела Меркел, односно неколку дена по визитата на австрискиот премиер Себастијан Курц, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн. Најмоќната жена во светот рече дека граѓаните сами одлучуваат за иднината и никој не ни се заканува со изолација, но перспектива има само со членство во ЕУ и во НАТО поради што и тоа како е важно да се излезе на 30 септември и да се гласа за договорот.

Луѓето на 30 септември имаат можност, исто како што направија пред 27 години, да гласаат дали сакаат да му припаѓаат на семејство на ЕУ и НАТО, а тоа бара истовремено прифаќање на договорот со Грција“, посочи Меркел.

Слични пораки стигнаа и од другите високи гости. Курц го поздрави постигнатиот компромис со Грција и ги повика граѓаните да излезат на референдумот и да гласаат за европската перспектива на Македонија потенцирајќи дека истото важи и за членството и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, со кои ги делат идеалите на Европските народни партии. Првиот човек на НАТО, пак, оцени дека референдумското изјаснување е шанса да се стане член на меѓународната заедница, која се случува еднаш во животот. „Нема друг пат за зачленување во НАТО. Јас разбирам дека некои мислат оти можат да кажат ‘не’ на референдумот и ‘да’ за членство во НАТО. Не постои таква алтернатива“, јасен беше Столтенберг.

Агитацијата на странските партнери, која е особено активна како што се наближува 30 септември, кај дел од јавноста, особено десничарската, го постави прашањето дали тие се мешаат во внатрешни работи на Македонија. Колку пораките од типот „гласајте за или ќе останете надвор“ ги постигнуваат планираните ефекти: да им се даде поддршка на властите, да им се укаже на европски ориентираните оти стануваме дел од големото семејство, но и да им се изврши суптилен притисок на неопределените или оние што се против да размислат убаво што ќе прават дента кога ќе се гласа?

Тоа се корисни посети и настапи кои имаат за цел да се увери народот дека не сакаме само ние и нашите лидери да одиме во Европа, туку за тоа се залагаат и нашите партнери од странство. Тие се подготвени позитивно да одговорат на нашите барања. Зборуваме за сериозни политичари, водечки во Европа и во светот, кои се обврзуваат дека ќе ги исполнат своите обврски доколку гласаме позитивно“, оценува Стојан Андов, прв претседател на Собранието на Македонија.

Тој вели дека е несериозно да се влечат паралели меѓу активностите на меѓународната заедница денеска и во 1991 година, пред одржувањето на референдумот за независност.

Тогаш бевме во друга држава, референдумот беше одржан во Југославија, Македонија не беше меѓународно признаена поради што не можеше да се очекува присуство на видни гости. Не дека не се обидувавме да донесеме некој од главните политички лидери во тоа време. Конкретно, преку Либералната партија и Либералната интернационала сакавме да го доведеме Џани де Микелис, но беше невозможно. Никој не сакаше да дојде, затоа што потоа ќе беа нападнати дека поддржуваат сецесија на Југославија. Сега е друго, имаме независна држава, премиер, влада, претседател, Собрание…“, коментира Андов за „Независен весник“.

И ексамбасадорот Нано Ружин смета дека доаѓањето на високите гости е порака и признание до сите добронамерници што ќе гласаат за европска Македонија и за членство во НАТО, но и за опозицијата и за тие што се во дилема или нема да гласаат оти се очекува успешен референдум и сите сме добредојдени.

Тоа е највисок вид дипломатски контакт меѓу шефови на држави или влади, со цел да се покаже респект, блискост во ставовите, почитување и еден вид симболика, бидејќи од сите овие посети произлегуваат пораки, а пораките не се случајни. Тоа се случува во предвечерјето на референдумот на 30 септември и тие пораки се од историско значење, и за домаќинот и за овие гости, затоа што тие ги делат истите европски и евроатлантски вредности“, рече Ружин за 1ТВ.

Од друга страна, руската амбасада во Скопје прашува какви би биле реакциите доколку политичарите од Москва би го правеле тоа што го прават оние од Западот, иако граѓаните на референдумот не решаваат дали да се интегрираат во Русија, туку во ЕУ и НАТО. По оваа логика секоја земја може да се залага за свои интереси во Македонија и секоја земја да води кампања против она за што се изјаснуваат граѓаните кај нас.

Деновиве не е реткост странски лидери да им сугерираат на граѓани на Македонија како да гласаат за референдумот. Интересно, што би било вакви ‘совети’ да дели официјален претставник на Русија“, стои во „твитот“ на руската амбасада.

Горан Адамовски