Администрацијата на СДСМ е легло на непотизам, обвинува ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека администрацијата е под притисок на владејачкиот СДСМ и на, како што велат од опозициската партија, политиката „ќе јадеме живи луѓе“.
„Манчевски јавно призна дека СДСМ ги прекинала сите договори за привремено вработување кои ги затекнале, за сега да склучува нови.Единствената реформа на администрацијата што ја спроведува СДСМ и Владата на Зоран Заев е како повеќе да вработат партиски кадри во државната и јавната администрација.Единствениот предизвик со кој се соочува СДСМ во овој момент е како да избркаат што е можно повеќе луѓе од работа. Администрацијата ниту работи слободно ниту е имуна на притисоци“, изјави Кирил Пецаков, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Администрацијата на СДСМ, според него, станала легло на непотизам, на роднински и пријателски вработувања на речиси сите нивоа во државниот и јавниот сектор.
„Наместо СДСМ да ја замајува јавноста и да и продава демагогија да даде одговори на тоа како братот на градоначалничката на Битола е избран за наставник. СДСМ треба исто така да даде одговори како градоначалниците на Берово и Неготино по кои основи и по кои критериуми си ги вработија нивните сопруги. Ако ова е професионална, непартиска и квалитетна јавна администрација тогаш СДСМ има проблем со реалноста. Администрацијата во овој момент не само што не работи слободно туку работи во интерес само на партијата на власт“, изјави Пецаков.