Автобусот во ГТЦ го „прегази“ Шилегов


Лавини критики, но и исмејувања стасуваат на адреса на градоначалникот Петре Шилегов откако во саботата враќањето на линијата „50“ во ГТЦ, според многумина, доби политичка нота, а на моменти заличи и на диско-журка. Генерално, враќањето на „педесетка“ е оценето како добар потег, но повеќето се согласни дека говорите на Шилегов, а потоа и на директорот на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски, и на градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, биле политички, во интерес на „живот за сите“.

„Недозволиво и срамно. До вчера ги критикуваа своите претходници за политичкиот маркетинг и популизам, а сега тие го прават истото, дури и бетер се од нив“, напиша еден твитерџија.

„Ало, функционери на СДСМ, ВМРО-то ви е пуштено на најјако! Намалете го. Па, вие сте сакале да пораснете и да бидете во ПР како вашите претходници. Настан правите за автобуска постојка?! Музика, говори, брендирани автобуси, гужва од пензионери во колони?! Животот во ГТЦ не се враќа со автобуска постојка. ГТЦ пропаѓа, мириса, полупразен е, уништен и стар. Многу брзо почнавте да ги потценувате гласачите“, стоеше во еден статус на Фејсбук.

Имуни на настанот не останаа ниту од ВМРО-ДПМНЕ. Тие го окарактеризираа како настан кој спаѓа во рубриката „верувале или не“.

„Ќе му порачаме на градоначалникот Шилегов да ги засука ракавите и да започне со вистинска работа и проекти. Сигурно нема да го врати животот на ГТЦ, како што тој вели, со нова автобуска станица. По искривената логика на Шилегов, причината поради која ќе заживее ГТЦ е редењето на автобуска станица во ГТЦ и обезбедувањето на тој начин поголема бројност со луѓе. Тогаш, по истата таа негова логика, и преселувањето на скопското Зелено пазарче во ГТЦ би донело уште поголема бројка на луѓе. Но реалноста е дека за заживување на ГТЦ не е потребна автобуска постојка ниту ново пазарче, туку темелна реконструкција“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Само неколку часа претходно, Шилегов пред насобраните граѓани на старо-новата постојка во ГТЦ изрази задоволство што заедно со ЈСП успеале да ја вратат „педесетка“ во ГТЦ како некогаш. Притоа, вети дека додека е тој градоначалник ќе направел сѐ што е во негова моќ да го врати препознатливиот сјај на објектот.

„Денеска ја враќаме оваа линија каде што традиционално припаѓа. Го враќаме стариот дух на Градскиот трговски центар со намера да го заживееме онаков како што го знаеме од времето кога Скопје беше полно со радост. ГТЦ е антологија за Скопје, таков и ќе остане“, изјави градоначалникот во обраќањето пред граѓаните. Тој информираше дека во тек е постапка и испитување на техничките можности на Град Скопје да финансира и да изработи зелен кров на објектот со цел, како што истакна, да покаже дека ГТЦ може да се сака на поинаков начин без обиди за бронзи, стиропори и гипсови на објектот.

Град Скопје ја врати во функција станицата, која беше преместена пред 5 години, откако беа пуштени во употреба двокатните автобуси. Со образложение дека кинеските автобуси не можат да влезат во подрумот на ГТЦ, станицата беше преместена кај паркот „Жена борец“.

Дел од јавноста во меѓувреме сметаше дека токму поради затворањето на постојката ГТЦ уште толку замре. Таа влијаела врз фреквентноста на луѓето во објектот, а намалувањето на движењето на луѓето се рефлектирало на прометот на трговците, особено кај сопствениците на дуќаните во подрумот на објектот.

Деспина Трајковска-Димова

 

 

Настанот го организирале „гушкачите“ на ГТЦ

„Организацијата беше на граѓанските здруженија кои се бореа да го сочуваат ГТЦ. Ние само се приклучивме. Здруженијата на овој начин сакаа да одбележат крај на борбата за ГТЦ и симболичен почеток за негово оживување“, изјави за „Независен весник“ градоначалникот Шилегов, кој смета дека настанот немал популистичка нота.

„Не ми е јасно зошто секогаш се коментираат, условно кажано, лошите работи. Зарем кога ќе почнеме да ја реновираме Универзална сала и ќе организираме настан со кој ќе го одбележиме почетокот и тогаш ли ќе не критикуваат?”, прашува градоначалникот.

Бренидран е само еден автобус, другите девет се обични

Еден од автобусите е брендиран со ликот на архитектот Живко Поповски, кој е творец на ГТЦ. На автобусот е испишана и симболичната порака „Чувајте ми го ГТЦ“. Иако на линијата „50″ ќе сообраќаат 10 автобуси, брендиран е само еден од нив.

„Другите девет се обични. Налог за брендирањето добивме од Град Скопје“, ни изјавија од ЈСП. Оттаму засега не сакаат да најават дали и кога на постојката во ГТЦ ќе се врати и автобусот со број „57“. Всушност, претпријатието во овој момент не располага со вишок „обични“ автобуси кои би минувале низ подрумот на објектот. „Педесет и седмица“ и натаму ќе застанува на постојката кај паркот „Жена борец“.