Цената на Владата – нула денари за македонскиот јазик


Александар Николовски

Уште при формирањето на владината коалиција СДСМ – ДУИ – Алијанса за Албанците се поставуваше прашањето која е цената на Владата? Како тоа албанските политички партии решија да го прекршат правилото „победник со победник“ кое, патем речено, беше воспоставено токму на барање на ДУИ. Станува јасно дека цената е интересна – некаде се плаќа прекумерно, а некаде се крати и од основното.

Секако, прва работа што ја видовме беше законот за јазици со кој се има намера да се воведе двојазичност во Македонија и да се наметне албанскиот јазик на цела територија на Македонија. Тоа е не само спротивно на Уставот, туку и спротивно на реалноста во Македонија. Да, Албанците живеат во значителен процент во Македонија, но тие живеат само на еден дел од територијата на Македонија и се во далеку помал процент од Македонците. Така, наметнувањето албанскиот јазик да се користи на цела територија на Македонија, дури и во средини каде што нема ни еден Албанец, е ништо друго туку политичко силување! Математиката беше јасна – Заев и СДСМ по секоја цена сакаа влада, а на ДУИ очајно ѝ требаше да го поправи нарушениот рејтинг имајќи предвид дека на изборите во 2016 година го имаше најголемиот пад споредено со која било партија – паднаа за 50 отсто, од 20 на 10 пратеници!

Јас не сум против албанскиот јазик, напротив, мислам дека треба да се овозможат сите услови нашите сограѓани Албанци да можат да го користат на највисоко можно ниво и во сите форми во средините во кои живеат, како и во институциите со кои комуницираат, во кои работат и ги остваруваат своите животни потреби. Но да се наметнува јазик во средини во кои нема ни еден човек што го зборува, е ништо друго туку обид за политичко манипулирање, на кое сигурен сум не само што нема да подлегнат граѓаните, туку и ќе го казнат на следни избори.

Против ова неуставно решение се крена целата македонска јавност. Многубројни експерти од областа, лингвисти, професори и други општествени дејци го кренаа својот глас и упатија силна критика. Во услови кога на премиерот Заев очајно му требаше поддршка од кого било, реши во негов стил – да излаже! Така, на 11 септември минатата година оствари средба со Институтот за македонски јазик на која вети работи што треба и во нормални услови да ги прави секоја влада без многу помпа, но ете Заев реши јавно да ги вети. Вети 11 точки што се однесуваат на основање фонд за поддршка на афирмирањето на македонскиот јазик на странските универзитети и за отворање и поддршка на лекторите по македонски јазик на странските универзитети во ЕУ, основање на уште еден фонд за поддршка за изработка на научни дела посветени на македонскиот јазик од сите области, како и други иницијативи кои во значителна мера ќе ја подобрат работата на Институтот за македонски јазик.

Пет месеци подоцна не само што нема ништо од ова, туку во буџетот на Република Македонија за 2018 година во делот на Министерството за култура се предвидени точно НУЛА денари за заштита и унапредување на македонскиот јазик! Значи, излажана македонската јавност, излажан Институтот за македонски јазик, како и сите што наивно можеби поверувале на приказните на Заев.

Но, за да е трагедијата уште поголема, во истиот буџет на Министерството за култура има предвидено 4 милиони евра за Албанскиот театар и уште 4 милиони евра за театар и за библиотека во Тетово. Да не се разбереме погрешно, јас немам ништо против албански театар или библиотека за нашите сограѓани Албанци, треба да ги имаат! Тие треба да се врвни, да имаат најдобри услови за работа и да преставуваат центар на културниот живот на Албанците во Македонија. И тука секоја чест за ДУИ – си ја работат својата работа. Дали тоа значи дека ќе си го вратат и рејтингот, ќе видиме, но очигледно се многу успешни во наметнувањето на своите политики, проекти и приоритети во владата на Заев. Прашањето е што прават СДСМ и Заев, за кои пред сѐ гласаат Македонци. Да има НУЛА денари за македонски јазик и да се турка неуставен закон за двојазичност не значи ништо друго освен дека премиерот Заев за пуста власт е спремен да ги продаде Македонците и македонскиот јазик и да ја редефинира државата!

Во услови кога се водат многу суптилни разговори со Грција во кои, по сѐ што може да се прочита по медиумите, грчките политичари масовно атакуваат на македонскиот национален идентитет од кој нераскинлив дел е јазикот, дома да се даваат вакви автоголови само говори колку Владата нема концепт! На листата на приоритети на прво место е да се биде на власт, сите места подолу на листата се празни и може кој сака како сака да ги пополнува, само ако и доколку со тоа овозможува да се остане на власт! За Македонија и за Македонците очигледно сега не е време да се мисли.