Франко, Александар и Михајлов


Љупчо Поповски

На прв, па и на втор поглед, врската меѓу шпанскиот диктатор Франциско Франко, античкиот освојувач Александар Велики и облеаниот во крв меѓувоен лидер на ВМРО, Ванчо Михајлов, е речиси неможно да се најде. Па сепак, денешнината може да повлече паралела за овие три личности. Таа е едноставна – соочување со минатото и неговото претставување во сегашноста за да не се загуби иднината. Тоа на одреден начин ја поврзува Шпанија денес и Македонија денес.
Минатата недела малцинската социјалистичка влада на Шпанија донесе одлука да се откопаат посмртните останки на диктаторот, чија победа во Граѓанската војна го отвори патот за фашистичките режими во Европа и го донесе светот до невидени страдања. Гробот на Франко е поставен на почесно место во мавзолејот во близина на Мадрид наречен Долина на паднатите. Одлуката треба да биде потврдена во парламентот
со обично мнозинство, а социјалистите можат да ги обезбедат тие гласови и покрај противењето на двете големи десничарски партии. На семејството на Франко му е даден рок од крајот на август за 15 дена да одлучи каде ќе биде погребан диктаторот. Ископувањето на посмртните останки се планира за крајот на годината.
Шпанското општество, исто како македонското, е длабоко поделено со еден голем процеп меѓу левицата и десницата. Таа поделба се влече уште од 1936 година кога генералот Франко изврши државен удар против легитимната левичарска влада, ја почна граѓанската војна и со помош на фашистичките авиони и трупи на Италија и Германија, ја порази републиката. Ниеден историчар ниту, пак, официјални органи не можат да утврдат колку луѓе загинаа во оваа неверојатно крвава и уништувачка братоубиствена војна – се претпоставува дека нивниот број е најмалку 500.000. Во 1959 година Франко го отвори овој мавзолеј чија изградба самиот ја нарача, каде се погребани 33.000 загинати од двете страни, со лажна патетика за помирување, но во основа за величење на неговата победа во војната. Огромната базилика на карпестиот рид, на чиј врв се издига 150-метарски гранитен крст, уште тогаш беше одреден за негово вечно почивалиште. Неа ја градеа 20.000 политички затвореници, стотици ги оставија животите за да го изградат ова величие на фашизмот. Гробот на Франко, кој умре во 1975 година е веднаш до олтарот, а блиску до него е и гробот на идеологот на шпанските фашисти, водачот на злогласната Фаланга, Примо де Ривера. На сјајната гранитна плоча на гробот на Франко секое утро се поставува свежо цвеќе. Според европските демократски стандарди целата ситуација е абнормална. Незамисливо е на кое било место во Европа каде што имало фашистичка диктатура да има ваков вид славење на диктаторот со споменик изграден од робови. Останките на војниците се оставени на милост и немилост на времето во полуразурнатите погребни комори во подрумите. Роднини загинатите републикански воини бараат да ги извлечат останките на нивните блиски и да ги погребаат во семејни гробници за да не лежат заедно со нивните џелати, но државата и водството на бенедиктинските свештеници кои управуваат со базиликата не го дозволуваат тоа.
Ова е последното место во Европа каде што се оди на поклонение на гробот на еден фашистички диктатор, а околу 140.000 негови противници лежат во необележани гробови низ целата земја, закопани набрзина за време и по граѓанската војна. Последните егзекуции на противниците на режимот беа во последната година на животот на Франко, во 1975 година. За да се направи мека транзиција од диктатура во демократија по смртта на Франко сите партии се согласија на „пакт на молчење“ за да го избегнат отворањето на раните во поделеното општество. Никој не беше обвинет за злоделата, не беше формирана комисија за вистината, а оние што ги направија криминалите беа заштитени од амнестијата.
Претходната социјалистичка влада направи неколку чекори во расчистување со темното минато – беа отстранети неколку помали споменици на Франко низ неколку града, беа промени имиња на улици, но тоа запре по смената на власта. Мисијата на социјалистичката влада изгледа како неверојатно тешка задача. Но премиерот Педро Санчез изгледа дека е подготвен тоа соочување со минатото да го направи по секоја цена за да го разбуди општеството од „пактот на молчење“. Откопувањето на телото е само еден чекор, другите што треба да следуваат се поважни. Санчез се врати на предлогот на комисијата од претходната социјалистичка влада составена од историчари и антрополози, Долината на паднатите да биде радикално трансформирана и овој морбиден споменик на Франковата „славна крстоносна војна“ против половина од шпанското население да биде претворен во вистински музеј на националното помирување и паметење. Според предлогот на комисијата, музејот треба да објасни како бил креиран овој споменик, зошто биле искористени политички затвореници да го градат, колкумина умреле за време на неговата 20-годишна изградба. Во основа, народот да се соочи со минатото, а не да го одмолчува.
Соочувањето со минатото секогаш е непријатно. Иако не во оваа брутална смисла, македонското општество треба да се соочи со инсталирањето на крвавите вмровски фаланги од најмрачното време на партијата во 1920-тите и 1930-тите години под превезот на презентирањето на вистината во Музејот на ВМРО. Срцепарателните сцени од сликата со Рубенсови димензии како е убиен Тодор Александров, насликани како да се дел од библиска приказна, митолошките постановки за формирањето на ВМРО во Солун, претставувањето меѓу редови на Ванчо Михајлов како херој, по чија наредба се убивале по двајца дневно во Горна Џумаја и Софија во времето на најжестоките меѓумакедонски пресметки, маргинализирањето на антифашистичката војна и создавањето на македонската држава, го инсталираше овој музеј во величие на организацијата која во минатото им донесе толку многу надеж и уште повеќе страдања на Македонците.
Министерството за култура формира комисија на еминентни историчари која ја проучуваше целисходноста на ваквата постановка на музејот. Нејзините заклучоци се јасни – тој треба да се редефинира за Македонија на вистински начин да се соочи со минатото, колку и да е болно за некои негови делови, и да се претвори во музеј кој ќе објаснува како е стигнато до државноста. На комисијата не ѝ недостигаше храброст да ги објави своите наоди, но очигледно на политиката ѝ треба храброст да ги направи неопходните чекори. Онака како што семејството на Франко најави дека ќе ги преземе сите можни легални средства да ја спречи ексхумацијата на диктаторот, бидејќи „одлуката е донесена спротивно на нашата желба“, така и ВМРО-ДПМНЕ ја пречека оваа најава околу редефинирањето на музејот како одмазднички чекор. Од партијата пропадната во сопствената митологија и не може да се очекува поинаква реакција. Таа не може да се ослободи од заблудата дека има монопол на минатото и да го претвора во сопствен мит дури и тогаш кога била скриена, па речиси и исчезната.
Ако таа се храни од заблудите и митовите, оние што постојано зборуваат за иднината – сегашните власти – не треба да чекаат наводни подобри времиња за да почнат со расчистувањето на она што ја поткопа супстанцијата на нацијата. Не е прашањето дали Зоран Заев ја има храброста на Педро Санчез (договорот за името е храброст и лидерство и визија), туку прашањето е дали ќе има такт и политичка одлучност да го соочи населението со двата мита кои го хипнотизираат граѓанството. Едниот е ВМРО, а другиот Александровата историја. Пред некој ден министерот за надворешни работи Никола Димитров изјави дека споменикот во центарот на Скопје го добил името „Воин на коњ“ од класични опортунистички причини – да не ги наруши нашите изгледи во процесот против Грција во Хаг. Дали од опортунистички причини сега стивна сета дебата околу проектот „Скопје 2014“, кој внесе конфузија меѓу луѓето за нивните историски корени. Сегашните власти во Скопје ги загубија гласовите од протесни изјави кога беа опозиција и кога се преименуваа улиците. Дали тоа значи дека опортунистички е прифатливо една од најпознатите улици во Скопје да продолжи да го носи називот „Аминта Трети“? Можеби.
Нема несоодветно време за вистински постапки за здравјето на нацијата. Никој не може да очекува дека вмровската митоманија поврзана со убиствата во организацијата во нејзиниот најкрвав период ќе исчезне како и да не била. Затоа што тоа нема да се случи. Ниту пак селфијата покрај спомениците во центарот на Скопје треба да бидат нашата нова нормалност, колку тие да ја поткопуваат супстанцијата на нацијата. На македонското соочување со минатото, изгледа ќе треба да причекаме.