Уапсен актерот Џeси Смолет, го „нарачал“ нападот


Американскиот актер Џeси Смолет, кој пријави дека бил жртва на расистички и хомофобен напад кон крајот на јануари, ги измислил тие напади за да добие на публицитет и да ја унапреди својата кариера, јави полицијата од Чикаго.

Смолет, црн и отворено хомосексуален актер познат од серијата „Империја“, ги искористил болката и бесот од расизам за да ја промовира својата кариера, објасни шефот на чикашката полиција Еди Џонсон на конференција за новинари.

Тој многу грубо се изрази за актерот, но рече дека лажните обвиненија прават голема штета.

„Овој рекламен удар претставува рана која Чикаго не ја заслужува“, вели Џонсон.

Смолет се предаде на полицијата и е приведен, каде што го чека обвинение за лажна пријава, кога рече дека го нападнале двајца мажи во Чикаго, го навредувале врз расистичка и хомофобна основа и му врзале јаже околу вратот, соопшти полицијата.

Озборувањата за неговата верзија почнаа кога стигнаа извештаите дека не соработувал во целост со полицијата откако пријавил на властите дека бил нападнат. Потоа полицијата не можела да пронајде снимка од тој напад, во градот што е полн со надзорни камери. Подоцна, двајца браќа се приведени на испрашување, но пуштени се по два дена, а полицијата наведе дека не се веќе осомничени.

Џонсон рече дека актерот им платил на браќата 3.500 долари да го наместат нападот. На Смолет му е одредена кауција во висина од 100.000 долари и мора во полицијата да го предаде својот пасош. Тој во затворот помина два часа, по што се врати на сетот и продолжи да снима за серијата „Империја“.