Трамп го нападна Сешнс бидејќи гони „двајца многу популарни републикански гувернери“
Алудирањата дека независното Министерство за правда требаше да ги земе предвид изборите среде претседателскиот мандат, поттикна критички реакции за „банана репулика“
САД (Индепендент) – Американскиот претседател Доналд Трамп лансираше нов напад на јавниот обвинител Џеф Сешнс, наводно бидејќи правно гони двајца републикански кандидати пред изборите среде претседателскиот мандат во ноември.
Претседателот го исмеа Сешнс бидејќи „фрлил сомнеж врз двајца сигурни победници“ две недели откако Министерството за правда соопшти дека ќе поднесе обвиненија против конгресменот Данкан Хантер од Калифорнија и Крис Колинс од Њујорк, иако самиот не ги спомна двајцата по име.
Трамп често и јавно го критикува јавниот обвинител, откако поранешниот сенатор од Алабама се иззеде од ревизијата на федералната истрагата за наводното руско мешање во претседателските избори и тврдењата за заговор со соработници на Трамп.
Доцна вчера, тој на Твитер напиша: „Две долги истраги од ерата на Обама за двајца многу популарни републикански конгресмени резултираа со многу јавно изнесено обвинение, непосредно пред изборите, од страна на Министерството за правда на Џеф Сешнс. Фрлен е сомнеж врз двајца сигурни победници бидејќи нема доволно време. Алал да ти е, Џеф…“
Тој исто така додаде: „Демократите, од кои никој не гласаше за Џеф Сешнс, сигурно го обожаваат сега.“
Претседателот наиде на бран критики за нападот врз независноста на Министерството за правда изнесен преку пораката.
Сенаторот Бен Сас, републиканец од Небраска кој е член на Судскиот комитет во Сенатот, рече: „САД не се некоја банана република со правен систем со двојни аршини – еден за партијата што го има мнозинството, и еден за партијата што има помал број претставници.“
“Овие двајца политичари се обвинети врз основа на докази, не врз основа на тоа кој бил претседател кога почнала истрагата. Наместо да коментира на тековни истраги и обвиненија, на претседателот на САД му е работа да го брани Уставот и да го штити непристрасното спроведување на правдата.“
Инспекторите никогаш не треба да ги земаат предвид политичките наклонувања на луѓето вмешани во нивните случаи. Хантер е обвинет за користење на средства од кампања за лични трошоци, а Колинс се товари за шпекулирање на берзата. И двајцата се изјаснија за невини.
Истрагата против Хантер почна во јуни, 2016 година, стои во обвинението. Обвинението против Колинс е за неговото дејствување во 2017 година. Тој исто така беше под истрага од Комисијата за етика на Конгресот.
Хантер не излезе од трката, а Колинс се повлече од кандидатурата за реизбор неколку дена откако беше обвинет. И двете места најверојатно пак ќе завршат во рацете на републиканците, но обвиненијата ги подгреаја надежите на демократите.
Републиканскиот кандидат Џеф Флејк, кој претходно се судри со Трамп и соопшти дека нема да се кандидира за реизбор годинава, рече дека твитот на милијардерот „не е одлика на претседател кој е посветен на одбрана и спроведување на Уставот, туку на претседател кој сака да го искористи Министерството за правда за политички реваншизам.“
Тензиите меѓу Трамп и Сешнс се разгореа кога Сешнс неодамна го возврати ударор и рече дека тој и неговото министерство „нема да бидат под влијание на политички фаворизирања“.
Сепак, поранешниот сенатор јасно им стави до знаење на соработниците дека нема намера доброволно да се повлече од функцијата иако Трамп постојано го критикува.