Тераса


Лејла Сабит

Пукна сонце и се зголеми температурата.

Се отвори сезоната на тераси во Македонија.

Отворени, затворени, модерни, барокни, со поглед, без поглед, најчесто со скриени погледи.

Во маало, во центар или во шопинг мол.

За сеир, за деловни муабети, од ќеф, од мака, во слободно време, на пауза, на пет минути или цел ден.

За кафе, за виски, за ручек или вечера или за покажување на најновата гардероба.

Некогаш ве пече сонце, некогаш ви пристудува, ветер ви ги мрси косите, ама чистиот воздух ви ги разбиструва мислите и одлуките.

Скапите и евтините очила за сонце сега блескаат најмногу.

Ем сте господин и дама ем се криете да не ве препознаат.

Гостите на терасата можат да бидат тивки или галамџии, музиката е секогаш гласна, ретко дослушувате што ви зборуваат, ама и уживањето има цена.

Терасата одамна во Македонија го надмина балконот и ретки се заканите од типот излези момче на тераса да те видам!

Гоцевата тераса е сѐ уште најпопуларна, ама има уште многу газди чии тераси чекаат дозвола да се прошират!

Некогаш терасите беа интимно катче, а сега од нив не можете да поминете на плоштад или на улица!

Сѐ се менува, ама некои навики во Скопје никогаш!