Тевдовски: Економски најповолната понуда ќе победува кај набавките

Новиот Закон за јавни набавки е усогласен со законодавството на Европската унија. Тој ќе обезбеди рационално трошење на државните пари, слободна и фер конкуренција и транспарентност при јавните набавки. Ова го истакна министерот за финансии Драган Тевдовски на денешната седница на собраниската Комисијата за финансирање и буџет, образложувајќи го предлог-законот.

Тевдовски рече дека постојниот закон се базирал на директивите за јавни набавки на Европската унија од 2004 година, а во меѓувреме биле донесени бројни измени и дополнувања, што го оддалечиле од европското законодавство. Од таа причина, како што рече министерот, потребна е темелна и сеопфатна промена, согласно актуелните европски практики.

– Она што е најважно е што се воведува економски најповолната понуда како единствен критериум за доделување на договорите. Примената на овој критериум може да вклучува три различни пристапи: само цената, само трошокот или најдобриот сооднос помеѓу цената и квалитетот. Независно од тоа кој пристап се користи, при евалуација на понудите секогаш треба да се вклучи економски елемент. Со воведувањето на економски најповолната понуда како критериум за доделување на договорите, освен што се врши усогласување со директивите од 2014, се отстрануваат и повеќекратни негативни ефекти од досегашното користење на критериумот најниска цена. Сведоци сме дека послаб квалитет или трошоци за поправки ја чинат државата многу повеќе, рече Тевдовски.

Тој посочи дека новиот закон содржи решенија што ќе ги заштитат правата на работниците кои учествуваат во извршувањето на договорите за јавна набавка, како и подизведувачите. Исто така, се воведуваат одредби кои се однесуваат на вклучување на социјални аспекти во постапките за јавни набавки, односно  резервирани договори со цел поттикнување инклузивен раст и вработување социјално загрозени групи.

Со новиот закон се воведуваат и низа мерки што ги подобруваат условите за вклученост на малите и средни претпријатија во јавните набавки.

-Со новиот закон воведуваме низа мерки, кои ги подобруваат условите за вклученост на малите и средни претпријатија во јавните набавки, бидејќи тие се сметаат за ’рбетот на економијата. Со поголема застапеност на малите и средни претпријатија во јавните набавки, договорните органи ја прошируваат базата на потенцијални понудувачи и се зголемува конкуренцијата, рече Тевдовски.

Со новиот Закон за јавни набавки се поедноставуваат постапките за јавни набавки со пониска вредност, преку воведување постапки за набавка, како набавка од мала вредност, електронски пазар за мали јавни набавки и поедноставена отворена постапка.

Новиот закон за јавни набавки превидува и низа на антикорупциски правила и правила со кои ќе се спречи судирот на интереси при вршење на јавните набавки.

Министерот за финансии посочи дека со предложениот Закон за јавни набавки ќе се подобри системот на јавни набавки во земјава, а нашето законодавство ќе се усогласи со законодавството на Европската унија.