Тамара Николиќ-Ѓериќ, етнолог и куратор од Хрватска: Креативните индустрии постојат со векови

Фестивалот за креативни индустрии „Скопје креатива 2018“ и оваа година ќе ја оправда улогата на проект што нуди поинаква приказна, а освен што ги поддржува и промовира македонските креативци, на секое издание носи звучни имиња од странство од областа на креативните индустрии. Така, и овој пат на фестивалот од 11 до 13 мај во МКЦ доаѓаат ексклузивни гости од повеќе творечки области кои ќе одржат работилници и предавања во рамки на програмата.

Тамара Николиќ -Ѓериќ од Хрватска е една од нив. Завршила етнологија/културна антропологија и индологија. Од 2008 година работи како куратор во Етнографскиот музеј на Истра. Покрај музејските активности, таа го основа и сѐ уште го води првиот Фестивал на етнографски филм во Хрватска „Етнофилм“. Од 2014 година соработува како професионален програмски менаџер „Екомусеум Батана“ и асоцијацијата „Фаро 11“ посветени на промоција на креативните индустрии во Истра. Докторира на загрепскиот универзитет на тема „Жените и индустријата – приватната и јавната сфера на жените во Ровињ“. Таа е авторка на стручни текстови што се занимаваат со музеологија, етнологија, антропологија, економија. Нејзиниот интерес е насочен на феминистичките студии, визуелната и економска антропологија, културен менаџмент и музеологија.

За што ќе зборувате на претстојниот фестивал „Скопје креатива 2018“?
– Доаѓам на „Скопје креатива“ да го споделам своето искуство од работата на важен проект во промовирањето на креативните индустрии во мојот роден град и во регионот на Истра. Сѐ почна спонтано помеѓу група креативни пријатели. Основавме невладина организација и веќе речиси четири години работиме на имплементација на првиот заеднички простор во нашиот регион посветен исклучиво на развој на креативните индустрии. Исто така, од самиот почеток се фокусиравме на градење мрежа на луѓе затоа што веруваме дека физичкиот простор не е клучен, туку се работи за создавање „простори“ каде што луѓето ќе се чувствуваат слободни да се изразат и да создаваат. Тоа може да биде дигитален простор, соба за состаноци или наша заедничка градина, ако мене ме прашувате, или заедница организирана околу асоцијацијата „Фаро 11“.

Кој би бил вашиот совет до младите учесници и дизајнери на фестивалот во Скопје?
– Мојот совет е да ризикуваат и да проговорат, да не чекаат некој друг да ги разбере нивните потреби. Општеството и технологијата се менуваат брзо и нашите професори, градоначалници или вработени се соочуваат со големи предизвици во адресирањето на потребите на младите луѓе.

Какво е значењето на креативните индустрии денес?
– Креативните индустрии се присутни во општествата со векови, само што се нарекувале поинаку. Главниот бенефит денес е што има поголемо знаење за можностите што тие ги создаваат во смисла на обезбедување работни места и социјална кохезија. Ние мора да работиме повеќе на обезбедување внимание за учесниците и вложувачите инволвирани во секторот, за авторите, како и за консументите на културни и креативни добра, треба да покренеме студии за критика и да ги учиме нашите деца на критичко мислење за зголеменото присуство на креативните индустрии во нашите животи.

Како гледате на светот на дизајнот денес?
– Јас сум етнолог и куратор. Некој ќе рече тоа нема ништо заедничко со светот на дизајнот. Јас го гледам светот на дизајнот како алатка за комуникација со знаењата во традиционалните култури и како мост помеѓу генерациите. Се разбира, тој има и други функции.

Колку е важно да се следат трендовите во овој сектор?
– Многу е важно да се биде во допир со современите трендови затоа што сметам дека секој сектор се потпира на континуирано истражување и развој на полето на интерес. Секако, не треба да бидеме робови на трендовите, дизајнот според мене мора да се базира на функцијата и подлабокото значење. Дизајнот како уметност е друга тема.

На што работите во моментов?
– Како куратор на Етнографскиот музеј на Истра (ЕМИ) и претседател на Екомузејот Батана (заштитено добро на УНЕСКО) сум работела на различни проекти за значењето на културното наследство и културниот диверзитет. Никогаш не престанав да верувам дека во моќта на културата во градењето мостови меѓу заедниците. Некои од најинтересните проекти на кои сум работела се: две важни изложби на Етнографскиот музеј на Истра – изложба на изработувачи на филигран од Косово во Истра и на емигранти од Истра низ светот, постојаната поставка во ЕМИ и во моментов работам на постојана изложба во Екомузејот Батана, ајпед-апликација за локални приказни со талентираниот илустратор Бобо Таненбау, градење екомузеј на говорители на античкиот романски дијалект во Истра, проект за дигитализација на музеите во Истра и др. Неодамна бев вклучена во проект на УНЕСКО и тоа е остварување на сонот – да се има шанса за размена на идеи и знаење со инспиративни луѓе од целиот свет.

Фото:Приватна архива