Схенк: Русија не стои зад лажните вести од Македонија


Белгија – Ловецот на лажни вести кој ја откри кумановската мрежа, Мартен Схенк, во интервју , раскажува како успеал да ги пронајде членовите. Тој вели дека не станува збор за организиран бизнис од страна на Русија, туку дека Русите опортунистички ги користат лажните вест кои се појавуваат.

Како ја откривте оваа мрежа?

Имам веб страница за проверка на факти, Leadstories.com, и развивме софтвер со кој вршиме мониторинг на сториите кои се во тренд на интернет (‘трендинг’) и тој софтвер исто така ги гледа кодовите од реклами на сите сајтови. Така што можеме да видиме дали повеќе сајтови го користат истиот идентитет за реклама, што покажува дека истото лице раководи со тие сајтови.

Мојот колега од холандскиот сајт за проверка на факти забележа некои лажни вести како се спамираат на Твитер и доаѓаа од налози кои изгледаа како ботови, и ме замоли да ги проверам во мојот софтвер, Trendolizer. Кога ги видов му реков дека сум ги видел овие сајтови порано исто во тренд со лажни стории. И заедно работевме да откриеме колкава и чија е таа мрежа. Почнавме систематски да ги разгледуваме, секој вебсајт со истиот рекламен таг, датум на регистрација, и најдовме уште постари сајтови со рекламни кодови кои нѐ водеа уште подалеку и така се враќавме назад во времето. И забележавме дека овие сајтови ги користеа истите статии во круг. Ги избројавме сите наслови за да видиме кои најмногу се користеле повеќе пати. Некои статии се појавиле на повеќе од 23 сајтови.

Потоа употребивме алатки за пребарување, како Гугл, за да видиме кои други сајтови ги објавувале истите статии, излезе дека повеќето од овие статии се копирани и украдени од други сајтови. За тоа време гледавме кои сајтови се спамираат на социјални мрежи и така дојдовме до околу 75 сајтови. Па почнавме да користиме алатка на Фејсбук што им се нуди на новинари за да се утврди кој прв објавил одреден линк во јавна група. И така увидовме дека низа лица објавуваат низа нови линкови на неколку недели. И секогаш беа истите лица.

Кога ги погледнавме информациите за првите регистрирани сајтови, видовме дека не се регистрирани анонимно. Тука ги најдовме Виктор Колевски и Слаѓан Бојковски, со мејл адреси и броеви на телефон. Бидејќи ова беа првите сајтови, веројатно не биле свесни дека треба анонимно да се регистрираат. Или можеби ги регистрирале со легитимна цел, а потоа ја смениле целта.

Многумина од овие претприемачи на лажни вести почнуваат со сајтови за бикини, мотори, кучиња, здрава исхрана, итн, па после преминуваат на лажни вести.

Така што ги имаме тие имиња, имаме имиња од тие што ги ширеле на Фејсбук статиите. Па почнавме да ги бараме на Фејсбук и видовме дека доста од нив се пријатели. Некои беа јасно лажни профили, како Џони Смит, кој беше американски војник од Њу Џерси со пријатели само во Македонија.

Велите дека земале содржини од други сајтови, тоа се вистински сајтови така, не се дел од мрежата?

Користеле пред сѐ вебсајтови од екстремната десница како yournewswire.com, од време на време статија од Брејтбарт, но земале и статии од сатирични американски сајтови. Има еден познат американски либерал кој јавно ја поддржува Хилари Клинтон, но прави сатирични статии што ги таргетираат конзервативците, со бомбастични наслови како на пример “Обама конечно во затвор“, и преку кои собира пари од реклами. Но, долу на статијата пишува дека е сатира, полно е со шеги. Но луѓето не ги ни читаат статиите, гледаат наслов, стискаат лајк и споделуваат. И овие сајтови ги објавуваат овие сатирични статии без да прецизираат дека се сатира.

Според вас станува збор за една мрежа, или повеќе мрежи? И дали мислите дека е случајност или дека некој стои зад оваа мрежа?

Мислам дека е една мрежа. Кога ја започнавме истрагата се обидовме да исконтактираме неколку од инволвираните луѓе. И од еднаш сите сајтови исчезнаа, освен неколку кои се многу стари и неактивни со месеци. Така што сметаме дека луѓето што ги исконтактиравме се тие што се зад мрежата. Забележавме дека најчесто се познаваат, дека семејството нивно исто учествува, објавува, споделува, дека станува збор за семејно-пријателски бизнис, има еден поранешен војник, поранешен полицаец, шофер на камиони. Не се само тинејџери што се забавуваат со ова, туку се возрасни луѓе со работа. Дознав од еден британски колега кој беше во Косово или Албанија, и интервјуирал неколку претприемачи на лажни вести. И тој ми рече дека имаат затворени Фејсбук групи или форуми каде разменуваат практики, ресурси, итн, навистина се специјалисти кои можете да ги вработите за да ви изградат страница и читатели и можете потоа да ја купите страницата од нив и да си ја користите. Има специјалисти за отворање вебсајт, специјалисти за отворање лажни Твитер налози, специјалисти од кои можете да купите “стартер пак“ со статии што ќе добијат кликови, и тоа го продаваат. Мислам дека тоа се случи и со оваа мрежа, иако не можевме тоа да го потврдиме бидејќи едниот ни затвори слушалка, а другиот ни се закани со тужба, фактот што ги користат повторно и повторно истите статии, мислам дека покажува дека го имаат тој “стартер пак“ и од време на време копираат нешто поново.

Значи уште се активни?

Не знам дали планираат пак да работат активно, еден од тие статии повторно беше онлајн, но ги избришал сите статии. Може мислел дека нема да го најдеме.

Од кога постојат?

Најмалку од 2016, тоа е најстариот сајт што го најдовме.

Значи,сепак, соодветствува со американските избори?

Да, имаше пик тогаш. Имаше други мрежи кои беа оперативни во 2015 и беа многу успешни. Златниот период беше почетокот на 2016 година, кога многу лесно статија стануваше вирална. Лани некаде Фејсбук воведе мерки против тоа и имаше импакт, и има голем пад сега, но сепак уште успеваат. На Твитер се префрлаат сега, таму спамираат. Не мислам дека имаат ист успех како порано. Плус, мораат сѐ повеќе и повеќе сајтови да регистрираат, порано регистрираат по еден месечно, а на крај пет од шест месечно.

Што мислите за тинејџерите од Велес?

Мислам дека е локална индустрија, сите си го научија тоа едни од другите, ќе ти покажам што правам, итн. Од тој период имаше една сторија дека имало еден човек кој предавал како да се прави ова, заборавив како се викаше. Ги прашавме овие од оваа мрежа дали го знаат, ама не ни одговорија. Проверивме само дека не се пријатели на Фејсбук.

Според вас дали Русија стои зад нив како што се зборува?

Не верувам. Она што Русите го прават е кампања на амплификација. Користат лажни твитер налози или лажни ФБ профили. Се случувало да користат скриншотови од вакви сајтови или наслови. Но, не мислам дека работат за Русите, пред сѐ сакаат пари да заработат, а Русите ќе видат дека некоја статија е вирална и ќе помогнат да ја шират. Опортунистички. Не е дека Русите ги создаваат сториите или дека ги насочуваат во одреден правец, туку гледаат да посеат поделба. Поттикнуваат две спротивставени страни и потоа ќе организираат протести, и слично. Русите објавуваат и статии во полза на Хилари Клинтон. Луѓето мислат дека Русите му помагаа само на Трамп, но тоа не е точно, тие само сакаа поделба да создадат.

Колку пари заработуваат во кумановската мрежа од овој бизнис?

Не знаеме и Гугл одби да каже. Според пријателот што работеше во Косово, во добрите времиња, 2015, 2016, се заработувало до петстотини евра дневно. Сега 50, 100 на ден….

Зошто се паднати цените?

Затоа што е потешко сторија да стане вирална, не допираат толку луѓе, и не заработуваат толку поради мерките на Фејсбук, филтрите, мерките за проверка на факти итн. Но во Македонија ако добро разбрав и тоа е голема сума дневно.

Зборувавте со еден од нив по телефон, што ви кажа?

Рече дека не е веќе во АРМ, дека од ова заработува пари на страна и дека имал вебсајт порано и дека ништо не знае за ова, негираше.

Дали ова што го прават е нелегално?

Па, масовно прекршуваме на авторски права е нелегално. Секако во повеќето западни држави не е нелегално да пишувате дека мислите дека муслиманите се такви или вакви. Тоа е слобода на изразување, но некои од овие статии се јасно спротивни на правилата на Фејсбук бидејќи поттикнуваат омраза. Исто така е спротивно на правилата на рекламерите, Гугл Адсенс не дозволува говор на омраза на сајтовите. И копирање статии од други сајтови е прекршување на авторски права, изненаден сум што нема повеќе тужби против нив. Веројатно затоа што е тешко да се фатат. Кога отвораат по шест нови сајтови, додека властите пронајдат еден, тие преминале на друг. Затоа софтверот е добар затоа што овозможува да се најде кој Адсенс код се користи за реклама и други отпечатоци како што ги викаме. Софтверот нѐ предупредува секој пат кога нов вебсајт со исти отпечатоци, така што секој пат кога отвораа нов сајт, јас одма дознавав. И тоа е алатка што повеќето проверки на факти, власти, и слично ја немаат.

Овој софтвер вие го измисливте?

Да, јас го изградив и го програмирав Trendolizer; да.

Планирате да го продавате?

Да, веќе го продаваме на медиуми и организации за проверка на факти. Се користи за мониторинг на избори во Велика Британија и Германија. И сега во европските избори некои проверки на факти ќе го користат.

Колкава е македонската мрежа?

Само неколку луѓе ја водат и неколку десетици други ги споделуваат, плус неколку лажни профили. Не ви требаат многу луѓе, кога само копирате, а не пишувате вистински статии, не се потребни многу души, само ctrl+c/ctrl+v.

Мислите дека има уште иднина во овој бизнис сега со сите овие проверки на факти, мерки, луѓе како вас со софтвери?

Секогаш ќе има луѓе кои ќе пробуваат, но ќе биде сѐ потешко. Пред неколку години луѓето велеа дека спамовите ќе го убијат интернетот, потоа се појавија филтрите, но јас сѐ уште добивам спамови од време на време. Тоа не значи дека треба да престанеме да се бориме против тоа, но секогаш ќе наоѓаат решение, па ние ќе наоѓаме повторно контрамерки, секогаш ќе има трка. Можеме сериозно да ги ослабиме… Им велам секогаш на луѓето од ФБ да воведат копче што ќе ве предупредува пред да лајкнете или споделите лажна вест дека станува збор за непроверена статија и да праша дали сте сигурни дека сакате да лајкнете? Мислам дека за 50 отсто ќе се намалат. (МИА)