Со балон над Луксор во Египет: Древната Теба е најубава од небо


Египет – Цврстите корпи полни со луѓе полетуваат в зори и се упатуваат кон небото над Луксор, Египет. Само од балон што лета високо, во чистиот воздух рано наутро, посетителите можат да ја впијат убавината на древните градби на земјата во древниот град Теба.

Градот што се наоѓа во јужниот дел на Египет е еден од најголемите отворени светски музеи со величествени фараонски храмови на источната страна на реката Нил и украсени гробници на дел од најпознатите древни кралеви, како што е момчето крал Тутанкамон.

Патеката по која се движат шарените балони ја одредува ветерот. За време на патувањето, тишината ја прекинува само звукот од гасот со кој се движат балоните и повремените звуци на воодушевување од туристите. Сепак, за време на полетувањето може да имате измешани емоции: здрава доза авантура и очекувањето што ќе ви открие ова кратко патување, но и загриженост за вашата безбедност. Пред три години овде во несреќен случај загинаа 19 луѓе. Оттогаш надлежните воведоа строги правила за операторите со балони, како што е откажување на летовите при лоши временски услови и редовни обуки за пилотите.

Летовите траат по околу 20 минути пред пилотите да почнат да бараат безбедна зона за слетување. Туристите вообичаено се возбудени од слетувањето бидејќи е малку турбулентно. Деталите за животот во руралниот дел на Египет станува јасен кога ќе почне да се спушта балонот и можете да ги видите фармерите како работат на полињата, а децата одат на училиште по патиштата со прашина на десниот брег. На земјата има екипи што возат со камион и го следат секој балон. Тие се движат за да го пречекаат балонот.

Кога балонот допира до земјата, екипите истрчуваат за да ги фатат јажињата за балонот да не може повторно да полета или да почне да се движи настрана. Во цената за возење со балон во Луксор е вклучен и превоз од и до хотелот и ДВД како спомен и изнесува околу 30 долари.