Словенија доби нова, малцинска Влада


Пратениците во словенечкиот парламент вечерва изгласаа нова, малцинска Влада на лев центар на премиерот Mарјан Шарец.

Од вкупно 90 пратеници, за новата Влада гласаа 45 пратеници, 34 беа против, а 11 беа или воздржани или отсутни.

Непосредно пред гласањето, Шарец од парламентарната говорница истакна дека Владата ќе биде фокусирана на унапредување на здравствениот систем, намалување на бирократските трошоци и обезбедување стабилен економски амбиент во Словенија.

Повеќе од три месеци по парламентарните избори во Словенија и неуспехот на Словенечката демократска партија на Јанез Јанша да формира влада, формиран е нов кабинет, составен од членови од пет партии од центарот и левиот центар. Шарац беше именуван за мандатар минатиот месец.

Од самостојноста, ова е 13 -та словенечка Влада, која ќе биде составена од 16 министри. Досегашниот премиер Миро Церар ќе биде шеф на дипломатијата, а досегашниот министер за надворешни работи Карл Ерјавец ќе биде министер за одбрана.