Скопјанките Ана Манова и Маја Стојковска на меѓународен натпревар во Кина: Учењето кинески јазик – егзотика и перспектива

„Секој ден донеси по една кошница земја и ќе изградиш цела планина“. Оваа мисла за упорноста и волјата која во 5 век п.н.е. ја кажал мудриот Конфуциј, ја потврдуваат Ана Манова и Маја Стојковска од Скопје. По само две односно четири години изучување на прилично тешкиот кинески јазик, но со многу труд и посветеност, тие стигнаа до меѓународен натпревар, и тоа токму во Кина.

Од 2 јули ќе учествуваат во финалето на светскиот натпревар „Кинески мост“ во Чангша во централна Кина и ќе престојуваат 11 дена. Тоа им го овозможи пласманот на прво и второ место на квалификацискиот натпревар во конкуренција меѓу 17 македонски кандидати, што минатиот месец, трета година по ред, го организираше Институтот „Конфуциј“ во Скопје. На „Кинески мост“ на Далечниот Исток, пак, ќе се натпреваруваат со учесници од цел свет.

И двете имаат афинитети за странски јазици и тие им се професија – Ана студирала италијански и две години го изучува кинескиот, а Маја е преведувач од англиски и германски јазик и наставата во „Конфуциј“ ја следи четири години. Курсист е во групата која од сите други најдолго го изучува кинескиот јазик во овој институт.

– За можноста да се изучува кинескиот јазик во Македонија дознав откако случајно го сретнав професорот Ли Хонгбо на Филолошкиот факултет и во тој момент сфатив дека не смеам да ја пропуштам можноста да научам повеќе за кинеската култура и јазик што дотогаш ја познавав само преку кинеските филмови и музика. Иако сум четврта година, не би рекла дека можам да зборувам течно. Изучувањето се одвива многу побавно во споредба со учењето на англискиот или германскиот јазик. Кинескиот јазик има повеќе од 50.000 карактери. Кинезите со високо образование владеат 7.000-8.000. За да научам некој карактер некогаш ми е потребно повеќе од сто пати да го напишам. Карактерите, нивниот изговор, читањето, граматиката – за сите овие делови треба подеднаква посветеност со редовно и дисциплинирано учење – раскажува 27-годишната Маја.

Задоволна е што од првата година има шанса јазикот да и го предаваат професори од Кина зашто тоа многу и помага но, сепак, вели, кога ќе се постигне одредено ниво, за успешно да се напредува понатаму потребно е да се биде во средина во која се зборува кинескиот јазик.

– За победата за „Кинески мост“ најмногу ме радува тоа што првпат ќе отпатувам во Кина и ќе имам повеќе можност да зборувам и да го вежбам јазикот. Откако почнав да го изучувам кинескиот најмалку размислувам колку е тешко или не е тешко. Љубопитноста е таа што ме води, запознавањето, учењето на кинескиот јазик и култура е искуство што не можам да го споредам со ниту едно друго досега. Тоа е одлично дополнување на мојата професија како преведувач од германски и англиски јазик – посочува Маја. Таа е и прагматична, па додава: „Една петтина од вкупното население во светот зборува кинески јазик, кинеската економија е најбрзорастечка и Кина е заинтересирана за инвестирање во Македонија“.

Триесетгодишната Ана Манова, пак, кинескиот јазик во „Конфуциј“ го изучува две години и изјави дека љубовта кон јазиците била првиот поттик за учење, дополнително и фасцинацијата од кинеската традиција и култура. И таа нагласува дека кинеската економија е една од најдобрите во светот со што познавањето на кинескиот јазик би можело да биде предност при вработување бидејќи во Македонија ретко кој го говори овој јазик.

– Сега можам да водам основна комуникација на кинески, за жал сè уште не го говорам течно. Карактеристично за кинескиот јазик е што не постои азбука, секој збор се претставува со еден карактер или збир од два или повеќе карактери. Потребни се повеќе години интензивно учење за да се достигне повисоко ниво на комуникација и писменост бидејќи треба да се познаваат 2000 до 3000 знаци. Секој јазик различен од мајчиниот е тешко да се научи, но потребна е силна волја и труд бидејќи паралелно се учат граматика, знаци и вокабулар – вели Ана.

Нивниот наставник по кинески Џао Џин предава на неколку различни групи и за да не се обесхрабрат во учењето на јазикот, тој ги поттикнува интересот и желбата на своите слушатели со тоа што воведува содржини за кинеската култура, уметност и историја, зашто тие многу се разликуваат од западната.

– Нам ни е јасно дека за Европејците кинескиот јазик е тежок и затоа првин се почнува со пинјин (pinyin) – латиница која се користи за транскрипција и изговор на знаците, тоа е прв чекор што го олеснува учењето. Многу е добро, зашто и да не го знаете знакот, кога одоздола е напишан пинјинот, вие може да го прочитате. Со тоа што читате паралелно, вие вежбате и го навикнувате увото на кинескиот јазик. Има разлика меѓу зборови и знаци, зашто некои зборови се комбинација од три знака, а секој знак има едно и повеќе значења. Најчесто користени знаци се 4 000. Првин се учи пинјин, па се учат посебни знаци, па зборови, комбинација на знаци во зборови и на крајот цели реченици – кажува наставникот Џао Џин.

Покрај кинески јазик, Ана Манова учи и убаво пишување – калиграфија со уште неколку курсисти. Еднаш неделно часовите им ги држи наставникот Џанг Тингхонг, кој ни ја покажа оваа древна кинеска вештина.

Четката натопена во мастило елегантно ја допира хартијата. Секоја линија во знакот тој ја исцртува во едно движење. Важно е како се држи четката и контролата на раката која во исто време е и смирена и отсечна во потезите. Оваа уметничка дисциплина е спој на визуелното убаво, т.е. краснопис, со значењето на напишаното кое често носи порака од источната филозофија. „Го слушам дождот“, напиша Тингхонг, објаснувајќи дека значењето е спокојство и благосостојба.

Во Кина сè уште се придава големо значење на оваа традиција и одлика на секој образован Кинез е да биде и вешт калиграф, особено ако е од областа на хуманистичките науки.

Елена Дамјаноска е вработена во Институтот „Конфуциј“, а со кинескиот се запознала во 1995 година додека студирала англиски јазик. Во Македонија тогаш, вели, единствено можеше да се земаат приватни часови кај професорката Чин Шијинг, која во Скопје живее од 1980-тите, и која е прва што го донела кинескиот јазик во земјава, а воедно и првиот наставник овде по тај чи чуан. Во 1998 со стипендија од кинеската влада Елена заминала во Пекинг каде што четири години студирала кинески јазик и литература на Универзитетот за странски студии, потоа уште една година специјализација за кинеска филозофија и седум години работела во кинеската престолнина. По вкупно 12-годишен престој во таа далечна земја, сега течно го зборува кинескиот јазик.

– Кај западните јазици можеби полесно ќе ја совладате основата, а потоа доаѓаат потешките работи. Овде е важно само основата да се совлада. Тежок е изговорот. Кинескиот јазик има четири тона и треба време да се совладаат. Тоа е и најинтересниот дел во изучувањето на кинеското писмо. Се работи за логограми односно знаци и секој знак има значење. Иако можеби изгледаат апстрактно, има точни правила како се пишуваат и кој што значи. Во кинескиот нема интернационализми, се преведува сè. На пример, „компјутер“ е „струја“ и „мозок“ и ако ги знаете нив, само се спојуваат. Тоа е како некој вид сложувалка – раскажува Дамјаноска.

Институтите „Конфуциј“ се непрофитни образовни институции и конципирани според моделите на странските центри, како Британскиот совет, Гете-институт или Францускиот институт, но разликата е во тоа што се основаат во партнерство со локален универзитет и работат во негови рамки. „Конфуциј“ во Скопје е основан при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (лоциран е во НУБ „Св. Климент Охридски“), согласно со потпишаниот договор меѓу УКИМ и Централната управа на институтите „Конфуциј“ во соработка со Југозападниот универзитет за финансии и економија од Ченгду во Кина.

Предавањата се одржуваат на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Уписите за настава по кинески јазик за 2018/2019 ќе бидат во август и на почетокот на септември. (МИА)