Сега сите надежи се во Берлин
Александра М. Митевска
Престојот на премиерот Зоран Заев и големата владина делегација во Берлин ги оправда очекувањата дека станува збор за една од најзначајните официјални посети на македонскиот премиер по смената на власта во земјава. Не само затоа што Германија е една од највлијателните држави во НАТО и во ЕУ и еден од најзначајните трговски партнери на Македонија, туку и затоа што германската канцеларка Ангела Меркел е еден од најзагрижените поддржувачи на стабилизирањето на Македонија, која секогаш будно ги следи и интервенира во процесите кај нас и во земјите од Југоисточна Европа, независно што и нејзините позиции се моментно разнишани по последните избори во земјата.
По двете неформални средби на македонскиот премиер со германската канцеларка во изминатите месеци, на маргините на меѓународните состаноци во Трст и во Давос, пречекот со високи државни почести на македонската делегација беше помалку важна работа од тоа колку Берлин е подготвен да одговори на нашите надежи за помош да се дојде до поправедно решение за спорот за името со Грција. Многу побитно од протоколот низ кој помина македонскиот владин врв во Германија е дека оваа билатерална посета е силен сигнал за обновување на односите на двете земји. Меркел практично му го сврте грбот на претходниот премиер Никола Груевски, откако политичката криза во земјава доби драматични размери по откривањето на скандалот со прислушувањето. Таа криза и улогата на Груевски и на неговата клика во нејзиното избувнување, а потоа и менаџирање, дополнително ги усложни интеграциските процеси на Македонија, нешто за што Меркел значајно асистираше во годините по доаѓањето на власт на македонските десничари.
Сега Меркел, како една од клучните фигури во Берлинскиот процес и во неговото иницирање, со цел засилување на контактите меѓу земјите од Западен Балкан, повторно зборува за амбициите на Македонија да им се придружи на НАТО и на ЕУ. Германската канцеларка настапува повторно со оптимизам дека во спорот за името, кој ги загрозува најмногу евроатлантските перспективи на нашата земја, доаѓа до ново придвижување.
Посетата на Заев на Берлин е, всушност, уште еден знак дека преговорите за надминување на долгогодишниот спор меѓу Македонија и Грција влегуваат во критична фаза, за што зборува и телефонскиот разговор Меркел-Ципрас пред Заев да слета на берлинската писта. Тоа е од посебно значење во овој период кога македонската дипломатија е ставена во позиција реши или отстапи, во очекување на извештајот на Европската комисија и Бриселскиот самит на НАТО во јули, додека на домашната сцена се множи критична маса за „одбрана“ на името. Нејзината порака беше охрабрувачка но и сугестивна, дека Македонија и Грција за да го решат спорот треба да направат компромиси, колку и да се болни. Таа испрати и предупредувачка порака, дека е најдобро преговорите да се одвиваат зад затворена врата, односно да не се потпалуваат националистичките страсти.
Тоа што пораките од средбата Меркел-Заев беа соопштени во „дипломатски ракавици“ и што не беше отворено промовирана улогата што би можела да ја одигра германската дипломатија за придвижување на преговорите за спорот со името е сосема очекувано, со оглед на, исто така, очекуваните противења од Грција за евентуално поистурената олеснувачка позиција што би ја зазела која било европска земја во процесот кој официјално се одвива под покровителство на ОН. Затоа и разбирлив е формално отсечниот став „не“ на македонската Влада по однос на прашањето дали Германија презема посредничка мисија во спорот за името.
Сепак, изјавата на Заев – дека Македонија добила силна поддршка за стратегиските определби за влез во ЕУ и во НАТО и дека сега останува Владата да продолжи со реформите и со решавање на спорот со Грција, сама по себе укажува на охрабрувачки став од Меркел за компромис, во насока на прескокнување на најголемата препрека на нашиот пат кон Брисел. А, на тој пат официјален Берлин секако нема да стои сосема настрана, туку ќе нѐ поттурнува. Тоа е барем првиот впечаток додека се чека Заев да се врати дома.