Саздо не смее да умира неколку пати
За ден-два или недела, никој или ретко кој ќе им пише на родителите на Никола Саздовски, ќе ги праша како се, дали им треба нешто, како да им помогнат, да им ги избришат солзите, да им го слушнат лелекот. Оставени сами на себе, ќе ја проколнуваат црната судбина, ќе го жалат своето чедо, кое не стигна да го запознае животот, да научи оти некогаш е „жолт“, а некогаш „сив“. Утеха ќе им даваат братот и сестрата на Никола, тие сега имаат поголема одговорност: мора повторно да ги направат среќни и горделиво да го продолжат патот на кој веќе ќе го нема нивниот Саздо.
Токму затоа, да ја почитуваме нивната жалост, нивната црнина и нивната несреќа, да ги побараме одговорите и одговорноста, да не дозволиме утре да ни се случи некој нов Саздо. Полицијата да не се обидува да го забошоти случајот, играјќи на картата на смирување на ситуацијата, оти нема да се смири доколку не се изврши јавна и транспарентна постапка. Не е можно за вакво свирепо убиство да се излезе со пет реда во билтен, и тоа со задоцнување, каде што најпрво се наведува дека станува збор за тројца сторители, па потоа им се даваат иницијалите и завршува на тоа небаре украле златен накит од куќа, а не дека до смрт претепале момче. Министерот Оливер Спасовски да не дава паушални изјави, туку да излезе на прес-конференција и да каже зошто се случил нападот, каде и кога се фатени сторителите, кои се и што презема Министерството за да ги одржи јавниот ред и мир, безбедноста на граѓаните.
Малку чудно е што по третиот напаѓач сè уште се трага, а не се објавува неговиот идентитет. Па, ако против него е распишана потерница, логично е да се објават името, презимето, фотографија и основни податоци. Да, истрагата ја води Обвинителството, но сигурно полицијата не седи со скрстени раце и чека наредби? МВР треба да поведе сметка и за тоа што се пишува на „Фејсбук“ и по другите социјални групи, оттаму сè започнува, тие се доволен индикатор кој кому се заканува, кој користи говор на омраза и кој подготвува злосторство. Сигурно не мисли оти некој некого случајно сретнува на улица и го претепува.
Обвинителството да не прави уште една грешка како во случајот со малиот Алмир ако не сака нови протести. Не може да биде само насилство кога дете ќе претепате до смрт. Неверојатно е дека десетина дена не била испитана како сведок девојката на Саздо, пред чии очи се случило бруталното претепување. Судот да закаже брзо судење, постапката да биде фер и отворена за јавноста. Да се увери во доказите, а потоа да донесе соодветна казна. Само тогаш и на таков начин ќе се испрати порака дека насилството е казниво и дека не се исплати да ја минеш младоста во затвор за некаков каприц.
Борците за правда и за мир да не бидат селективни, тоа што дел од нив се сместени во државни јасли не им дава за право да молчат, оти на тој начин дополнително создаваат револт. Медиумите да не известуваат само кога имаат корист или кога ќе им биде наредено, туку секогаш кога ќе видат неправда и непостапување на институциите, чиј коректор би требало да бидат.
Политичките партии да покажат минимум респект и да ги тргнат валканите раце од црнината на родителите. Овие што се на власт да не кажуваат дека си ја завршиле работата со тоа што ги откриле напаѓачите, оти да си ја вршеа задачата, можеби ќе успееја да го превенираат случајот, кој се „крчкал“ еден месец. Другите што сакаат да дојдат на власт, да смислат начин и програма со која ќе го поведат народот, а не со евтин популизам да долеваат масло на огнот. Тие, пак, што секогаш се на власт без оглед која партија е главна во владата, да не бидат само претставници на етничката заедница што ја претставуваат, туку да почнат да се однесуваат како сите што го делат ова небо. Првите се СДСМ, вторите ВМРО-ДПМНЕ, третите ДУИ. Добар пример даде водачот на ветераните на ОНА, кој наведува дека е посрамен од криминалното злосторство извршено од страна на хулигани што припаѓаат на неговиот етникум. Паметно вели Даим Хисени – животот е ист за секого, а детето е нешто најсвето во семејството и бара правдата да се истера до крај.
Навивачките групи нека им дадат шанса на институциите. Сега не веруваат во нив, но можеби е дојден моментот за пресврт во општеството. Нека ги бодрат своите клубови и нека не дозволуваат преку нив да се водат политички војни, а нивните припадници да бидат монета за поткусурување.
Кога сето ова ќе го оствариме, можеме да почнеме од почеток. Општеството ни е болно во сите пори, ќе треба многу за да го излечиме. Важно е секој да даде свој придонес. Ниту Саздо не би сакал некои други родители да го проживуваат истото што и неговите.
Горан Адамовски