Референдумот е тест за способноста на власта


Ѓорѓи Спасов

Влaдата и парламентaрното мнозинство се наоѓаат пред една од најтешките задачи во својот мандат. По потпишаниот договор со Грција, слоганот „Зборот е збор“ нив ги обврзува да демонстрираат способност во релативно кус рок да се добие согласност од граѓаните за потпишаниот договор на референдум и да се обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието за промена на Уставот во согласност со одредбите од тој договор. И само по тоа ќе се цени дали биле на ниво на својата историска задача да направат голем исчекор во поновата политичка историја за Македонија.

Ако би се судело според процентот на граѓаните во Македонија кои се за членство на Македонија во НАТО и во ЕУ тогаш, како што има обичај да каже Христијан Мицкоски, „математички прецизно“ има доволно мнозинство и јавно расположение во земјава да се прифати договорот со Грција на референдум, како чин за отстранување и на последната пречка во остварувањето на стратешката цел на земјата декларирана од сите парламентарни политички партии во Македонија.

Како и во секоја демократска земја, и кај нас има определен број граѓани кои  јавно се изјаснуваат дека се против членството на Македонија во ЕУ, а особено против членството на Македонија во НАТО. Некои од нив сметаат дека за Македонија би било најдобро да остане воено неутрална, како Србија на пример, да остварува потесна соработка со Русија, да се обиде да се развива како некаква Швајцарија на Балканот или како некаква „офшор дестинација“, слободна финансиска зона, односно како слободна шверцерска зона. Со тие што јавно го застапуваат тоа гледиште може да се разговара, да се дебатира и да разменувате јавно аргументи околу тоа што би било подобро за Македонија. Такви проблеми имаше и Црна Гора, па ги реши во корист на интеграциите во НАТО и во ЕУ.

Но, има и такви што јавно говорат дека се за членството на Македонија во НАТО и во ЕУ, ама само под услов Македонија да не морала да потпишува некакви договори за добрососедство со Бугарија и со Грција врз основа на кои ќе треба да прифатиме допрецизирање на името на нашата земја и да им дадеме некои дополнителни гаранции на тие земји за прашања кои тие ги оценуваат како опасност од можен иредентизам од наша страна. Клучната теза на овие вторите, кои се побројни и кои ги предводи македонската парламентарна опозиција, е дека со таквите договори кои веќе ги потпиша владата, се загрозува македонскиот национален идентитет и се врши дури национално велепредавство, за што треба политички и кривично да се одговара. Тие тврдат дека името на земјата е вечно, а НАТО и ЕУ, како воени и политички сојузи (кои се, наводно, и нивна стратешка определба), се во криза и веќе во процес на распаѓање и затоа не требало да се брза со прифаќање на „уцените“ од соседните земји само за да се постигне зачленувањето во нив. Оттаму тие, заедно со претседателот на државата Ѓорге Иванов, се против договорот со Грција и ќе прават сè за тој да не помине на референдум и да не се создаде двотретинско мнозинство во Собранието за промена на Уставот.

Клучниот метод што тие го имаат избрано за политичко дејствување во оваа ситуација е ист како и пред изборот на претседател на Собранието од страна на новото парламентарно мнозинство и пред формирањето на новата влада. Тој метод подразбира: 1. Грубо кршење на Уставот од страна на претседателот Иванов (тогаш со недавање мандат за состав на влада, а сега со непотпишување на по втор пат изгласани закони од страна на највисокиот законодавен дом); 2. Политичка опструкција која води кон блокада на работата на Собранието преку блокирање на изборот на членови за состав на новата Државна изборна комисија; 3. Организирање протести со силен говор на омраза за „извршени национални предавства“. Сето тоа треба да доведе можеби до некој нов 27 април во земјата и нови обиди за убиство на пратеници и лидери од партиите што го поддржуваат договорот со Грција. Оттаму е и клучното барање на лидерот на опозицијата за амнестија на сите кои ја подотворија вратата на Собранието за политичкото насилство на 27 април и тој ден извршија обид за убиство на пратеници и лидери на партиите од парламентарното мнозинство.

Секако дека во сегашниве услови, откако ВМРО-ДПМНЕ ја нема контролата врз полицијата и параполициските структури од подземјето познати како „патриотски здруженија“  и откако се осудени на високи казни затвор оние што и со обиди за убиство правеа сè за да се спречи промената на власта, ќе им биде тешко да направат уште една таква глупост, но низа потези покажуваат дека пратениците од таа партија повторно ја подотвораат вратата за насилство врз демократијата во земјата.

Прво. Одново е активиран Илија Димовски со груба злоупотреба на позицијата  претседател на Комисијата за избори и именувања, како пред изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието, да го блокира овој пат изборот на новата Државна изборна комисија која треба да го спроведе референдумот.

Второ. Опозицијата го условува учеството на референдумот со „прашање  кое ќе биде за неа прифатливо“ и во кое нема да се споменувале  НАТО и ЕУ и ќе го сметала за фалсификуван резултатот ако на некои места, на кои имало ниска излезност за време на изборите, се покажело „математички прецизно“ дека на референдумот има значително повисока излезност.

И трето. Дури и да бидат исполнети сите барања на опозицијата ако мнозинството граѓани на референдумот се изјаснат за поддршка на веќе потпишаниот договор со Грција, кој е последната пречка за прием на Македонија во НАТО и во ЕУ, опозицијата не дава јавни гаранции дека ќе ја почитува волјата на мнозинството и дека ќе гласа за промена на Уставот.

Во вакви услови, Владата и парламентарното мнозинство не смеат да си дозволат да бидат одново блокирани.

Сега граѓаните решаваат во која насока ќе се движиме, што ќе биде со нас и со нашите деца, ќе останеме ли свои на своето, ќе станеме ли конечно дел од големото семејство на народите на ЕУ во која границите губат на значење или ќе останеме изолирани, осамени, скарани со соседите и поделени внатре по сите линии.

Опозицијата и Мицкоски имаат право и да не бидат задоволни со одредбите од  веќе ратификуваниот договор со Грција и може да бараат тој договор да не се поддржи на референдум и да ги вратиме поканите за членство во НАТО и во ЕУ. Но немаат право во клучни моменти за нацијата и земјата, кога Македонија и владата уживаат најголема меѓународна поддршка и углед, тие да шират лажни вести за тоа дека „имаат подобро решение за овој проблем“ и дека нивните домашни и странски експерти сега ќе изработеле партиска програма во која сè подробно ќе ни било објаснето.

Овој процес на помирување на Балканот што го поведе храбро Заев со својот тим не само што нè обединува со соседите, со НАТО и со ЕУ, туку е и гаранција за трајна меѓуетничка кохезија за мир и стабилност во Македонија.

Оттука ова е тест за способноста на новото парламентарно мнозинство да владее и да се справува ефикасно со секој вид политички опструкции чија цел е  сосема јасна и провидна.