Ретроспективна изложба од 40 години творештво на Лидија Саздовска

Во Музеј на Град Скопје до 24 јуни е отворена ретроспективна изложба на авторката Лидија Саздовска, на која е претставен пресек од нејзиното четиридецениско сликарско творештво.

Изложени се дела од сите творечки периоди на авторката, насловени: „Меланхолија”, „Летно попладне “ , „Медитации”, „Записи“ и „Ликови“.

Централен мотив во нејзиниот опус е жената како своевидна глорификација, носител на животот и стожер на семејството.

Во креирањето на женските ликови и фигури карактеристична е лирската експресија на уметницата.

– Женскиот субјект е поединечно или групно третиран од различни просторни ракурси, проследени со атрибутите кои се иманентни на нејзиното творештво. Нивната смела хармонизација зборува за авторот со современ сликарски сензибилитет чие творештво зрачи во тивка ненаметлива но сугестивна естетика и контемплативна моќ. Затоа, со сигурност ќе констатирам дека таа е вистински колорист, сликар на акцијата на бојата и формата, наведува рецензентот Дора Андова-Фотева во освртот за ликовното творештво на Саздовска.

Лидија Саздовска е родена во Белград, живее и работи во Скопје. Училиште за применета уметност, Педагошка академија и Ликовна академија завршила во Скопје.