Регулаторна не може, ама Владата може да ја намали цената на горивата

Регулаторната комисија за енергетика нема начин да влијае врз цената на горивата затоа што е врзана со методологија за пресметка. Но може Владата, преку интервенција кај акцизата.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски вели дека со договорот за купопродажба на ОКТА, кој е ратификуван од Собранието во јуни 1999 година, Македонија како држава се обврзала да применува методологија за определување на цената на нафтата и на нафтените деривати, која е составен дел на договорот.

„Комисијата само работи по методологијата. До 2004 тоа го правела Владата, а по формирањето, Регулаторната комисија за енергетика ја презема таа обврска. Значи, Комисијата не е дел од тој договор, туку е државна институција која мора да ја применува“, укажува Бислимоски.

Со последната одлука, цената на еуросупер 95 е 74,5 денари за литар, на еуросупер 98 – 76,5 денари, а дизелот стигна до 69 денари. Овие цени потсетуваат на највисоките, од 2008 година, а од Регулаторната комисија објаснуваат дека во определувањето на цената на нафтата и нафтените деривати, најбитни параметри се цената на нафтата „брент“ на берзите и курсот на доларот. Во овој период курсот на доларот е во пораст, споредено со 2008, кога цената на нафтата на берзите била околу 140 долари, а денес е околу 85-86, но тогаш курсот на доларот бил 39 денари, а сега е над 53 денари.

„Имаме обврска да ја применуваме методологија е до јули 2019 применуваме. Дополнително, во 2009 година е укинат еуродизелот Д4 и оттогаш е воведен еуродизел Д5, со што се признаваат зголемени трошоци за производство, согласно таа методологија, иако ОКТА не произведува дизел“, изјави Бислимоски.

Регулаторната комисија за енергетика прави предвидувања за движењата на цените на нафтата и на нафтените деривати, кои вообичаено влијаат и на цената на природниот гас, но и на цената на електричната енергија во регионот и во Европа. Последните проценки покажале дека и натаму ќе има зголемувања на цените на нафтата и нафтените деривати. И тука, заштита на стандардот на граѓаните може да се направи само преку владина интервенција.

„Не очекуваме да бидат драматични покачувањата на цените, но ќе ги има. И најмало случување влијае на цената на дериватите, а фактичката ситуација е таква што Македонија никако не може да влијае на овие процеси, туку мора да ги следи. Во случај да дојде до значителни зголемувања на цената на нафтата и нафтените деривати, Владата ќе разгледа и други солуции, со цел да се заштитат граѓаните од ценовните шокови. Факт е дека заради зголемувањето на цената на нафтата и со тоа на бензините и на дизелот, и приходите во буџетот по основ на ДДВ и акциза се зголемуваат. Треба да се направи анализа да видиме колку се зголемени акцизните приходи и дали преку одредени механизми барем дел од тие ќе може да се вратат, со цел воведување заштитни мерки за граѓаните – потрошувачи. Но, останува фактот дека во Македонија имаме најниски цени за нафта и деривати во регионот“, дециден е Бислимоски.

Нова методологија наредното лето

Со новиот Закон за енергетика, РКЕ е обврзана да донесе нова методологија за пресметка на цените на нафтата и дериватите. Комисијата најавува дека ќе формира поширока работна група, во која ќе ги покани трговците со нафта и деривати и организациите на потрошувачи, со цел да бидат вклучени сите заинтересирани страни во носењето на новата методологија.

„Има и друга опција, да има и либерализација на пазарот на нафта и нафтени деривати, како што е во речиси сите земји во Европа и во поголемиот дел од соседните земји. Јас не сум приврзаник на таа теорија, сметам дека треба да одиме чекор по чекор: РКЕ да донесе нова методологија, да видиме како ќе функционира пазарот на нафта и нафтени деривати во тој момент во Македонија па понатаму, доколку се создадат услови, ќе има целосна либерализација на пазарот. На пример, во Грција, каде што е целосно либерализиран пазарот, таму цените се повисоки. Во Хрватска првпат по 2010 се случува цената на дизелот да биде повисока од цената на бензините. Таму е организиран пазарот и тоа го прави понудата и побарувачката“, вели Бислимоски.

Анита Салтировска