Првични резултати од изборите за парламентот на БиХ
Според првите нецелосни резултати на Централната изборна комисија за Парламентот на Федерација БиХ, најсилна парламентарна партија во БиХ е Партијата за демократска акција, (СДА) на Бакир Изетбеговиќ, со освоени 25 отсто од гласовите.
По неа следува коалицијата обединета околу Хрватската демократска заедница на Драган Човиќ со 18 отсто, па Социјалдемократската партија со 14 отсто освоени гласови.
Демократскиот фронт, чиј лидер Жељко Комшиќ победи како кандидат за хрватскиот член на Претседателството на БиХ, освои осум отсто од гласовите во Федерацијата БиХ, а зад неа е Партијата за подобра иднина на Фахрудин Радончиќ, со шест проценти.
Новоформираното Движење за демократска акција е на границата од прагот од пет проценти за влез во Претставничкиот дом на Парламентот на ФБиХ.
Овие нецелосни резултати се соопштени врз основа на 57,11 отсто обработени гласови и 91 процент од нив се сметаат за важечки.