Последното гајле е најголемо


Ерол Ризаов

Секогаш последното, најновото, гајле е најголемо. Македонскиот национализам, албанскиот инает, анемичната власт и неодлучниот премиер можат на зелена маса да ја урнат Владата поради закон за чешање на јазиците. А, со тоа да ги погребаат сите надежи за слобода, демократија и подобар живот, за европеизација и спасување од корумпирани политичари и криминалци, конечно и од распаѓање на Македонија.

Компромисите во Македонија не виреат. Дефинитивно. Стара вистина во ново пакување. Грчкиот министер Коѕиас сега може спокојно уште неколку месеци да ја одложува посетата на Скопје и да го допишува предлогот за името на државата ерга омнес со нови побарувања. Од тоа веќе се гледа нема ништо да биде. Ние си имаме сега нова секирација и тешка главоболка: како да ги ослободиме криминалците од судски процеси за да дојдат пак на власт. Толку малку време требаше да се заборават камшикот и 12 години борба за слобода и жртвите. Така може да заврши наивното пазарење со опозицијата за да се врати во парламентот. Божем решението е само во тоа да се донесе законот за јазиците кој и ВМРО-ДПМНЕ И СДСМ го прифатија кога беше повлечи-потегни за курдисување на нова влада.

На албанските политички лидери устата им е полна со компромиси и толеранција за сѐ друго освен за она што сметаат дека е нивни интерес. Тука не смее ни запирка да се смени. Законот за јазиците го сметаат за свето писмо, иако ама баш со ништо немаше да биде засегнат ако поминеше малку низ подобра научна и правна обработка за одредби во законот кои практично се неприменливи. Нивниот фанатичен став својствен на примитивен инает и тврдоглавост во ништо не се разликува од шовинистичките труби дека е засегнат македонскиот јазик кога другите јазици добиваат поголема употреба или кога изразуваат лицемерна загриженост за загрозеноста на јазиците на другите етнички заедници, што е точно, но никогаш досега големите толкувачи на демократијата тоа прашање не го покренале.

Како и да е, Македонија поради кокетирањето на СДСМ со популизмот и национализмот и поради неодлучност влегува во нова криза среде преговори со Грција која ја прават дополнително ослабена. За жал и голема несреќа повторно тоа се случува поради нерасчистени домашни работи кои ја покажуваат нестабилноста на државата која сѐ повеќе ја презема старата улога на јаболко на раздорот на Балканот. Од ден на ден влегуваме во фази кои Македонија ја прават од фактор на стабилност во предизвикувач на кризи и тензии во регионот. Не се без причина стравувањата дека може да стане допадлива идејата за поделба на државата не само кај балканските националисти, туку и кај светските и европските прагматичари и моќници. Така беше и со распадот на Југославија. Прво сите викаа дека за стабилност на регионот треба да се сочува Југославија, потоа сите викаа дека треба по мирен и цивилизациски пат да се раздружат републиките од потрошениот историски модел кој не прифаќа компромисни решенија и на крај во крв до колена се заврши работата. Агонијата и сиромаштијата уште трае не само кај тие што војува, туку кај сите.

Кај Македонија со поделбите работите ќе одат полесно. Тука нема кој да гине. Со стотина загинати во 2001 година се задушивме во солзи. Во овој случај распадот со две три илјади мртви и опожарени и разурнати градови, би предизвикал бегалски бран помал од оној од Сирија бидејќи и нема кој да бега, освен тие што не успеаја да избегаат во изминатите години во ерата на најголемите успеси и достигнувања во историјата на Македонија, кога најмногу млади луѓе си заминаа од премногу убавини. Па, така, додека Коѕиас ја распакува својата дипломатска чанта со големо олеснување, Владата и премиерот Зоран Заев можат да почнат да ги пакуваат своите куфери. Трагедијата нема да биде во тоа што ќе си заминат, туку во тоа што на нивно место ќе дојдат тие што треба да одат во затвор. Тоа би била најголемата измама на мнозинството граѓани кои гласаа за промени, за слобода, за демократија, за владеење на правото, против неправдата, против арамиите и криминалците, против бедата и мизеријата, за подобар живот и за евроатлантски интеграции, за европска Македонија. Не е во прашање законот за чешање на јазиците, кој се доживува и кај учени луѓе како корнење на својот јазик, кој сѐ уште не го научивме како треба, туку се работи повторно за балканскиот примитивизам, провинционализам, национализам и шовинизам, суетни жешки впрегнати глави, што свесно, што како корисни будали, да ги спасуваат криминалците и тие што не доведоа на вакво дереџе.

Слушнете го само оној каубојски повик на Зијадин Села до Али Ахмети. Излези на мегдан ако си маж. Напушти ја Владата. Типично балкански, да не речам албански, за да не се навреди некој. Има ли навистина маж или жена во неговата близина да го праша овој човек, за кој сите бевме загрижени и сочувствуваме со она што му се случи во парламентот на 27 април – аман бе Села, тие ли што те претепаа до смрт сакаш да ги вратиш на власт? Или само блефираш со пет „даски“ во рацете, како покераш што го игра последното делење. Мнозинството граѓани на Македонија од сите нации и вери не ве избраа заради законот за јазиците, туку за да се стави крај на тортурата, арамилакот и заради подобра европска иднина. Ако се тргне по патот за Европа, ќе стасаат и многу други работи во интерес на сите граѓани. Баталете ги сега двобоите оти за едно кило месо ќе ја утепате државата.

Премиерот Зоран Заев, министрите, треба да се симнат од лентата која рутински ја вози целата Влада во круг и да престанат постојано нешто да се оправдуваат, да исполнуваат желби и нарачки за да бидат допадливи. Јавно покажуваат дека ја губат самодовербата со пречувствителноста на критики и пофалби. Тоа ја прави Владата како молитвен дом на чесни сестри. Почитувањето на законите, владеењето на правото, парламентарната демократија, моралните норми и строгото држење до историските значајни стратегиски приоритетни цели за иднината на Македонија содржани во предизборните ветувања е излезот од најновата внатрешна, само наша автентична домашна криза. Умешноста и мудроста да се води коалициска влада со тенко мнозинство е најголемо достигнување во политиката. На Балканот тоа е рамно на чудо кое не е можно без компромиси. Народи кои со векови биле учени и воспитувани во духот дека компромис е предавство, подржани и подбуцнувани од политичари популисти и од јавни личности, од интелигенцијата на една нација која јава и добро живее на тој бран, е најголемата несреќа која му се случува и на македонскиот народ и не му дава да мрдне чекор напред.

Ова се тешки ситуации кога навистина треба да се пресече, не со нож, туку со ум. Сѐ уште терезијата е во рацете на мнозинството во парламентот, во Владата и кај премиерот Зоран Заев, најодговорниот човек за вкупните состојби во државата. Или храбро ќе одат напред, почитувајќи ги определбите на граѓаните и законските овластувања што ги имаат во механизмите на поделбата на власта, или ќе бидат досега најголеми губитници. Дури и многу полошо од тоа, ќе бидат најголеми виновници за сите несреќи што ќе се случат по враќањето на власт на Груевски и фамилијата или, пак, на нивните најблиски наследници. Сеедно.